Андрес Иниеста синоќа го одигра последниот натпревар во кариерата во дресот на Барселона. Победата од 1-0 против Реал Сосиедад му беше посветена токму нему, како и цела шампионска прослава на „Камп Ноу“.
Шпанецот очекувано беше емотивен, бидејќи повеќе од две децении беше дел од овој клуб. Со солзи во очите тој го одржа и последниот говор како фудбалер на Барселона.
„Денес е навистина тежок ден, но претходно имав фантастични 22 години. Ми беше задоволство и горд сум што го претставував и бранев овој грб, кој за мене е најдобриот во светот. Им благодарам на сите мои соиграчи, многу ќе ми недостигаат. Благодарам и до сите навивачи, за љубовта и за се останато што ми го даваа откако дојдов тука како дете, а сега си заминувам како маж, засекогаш ќе бидете во моето срце. Оваа недела останав без зборови, да завршам, да живее Барселона, да живее Каталонија, да живее Фуентеалбија“, рече Иниеста.
Откако сите заминаа, Иниеста остана на Камп Ноу и до 1:30 часот сам седеше на теренот.