Хавајските власти соопштија дека лавата од вулканската ерупција започнала да се влева во океанот што претставува голема опасност по здравјето на жителите, бидејќи создава отровни гасови и испарувања, кои го зголемуваат ризикот од оштетувања на белите дробови, очите и кожата.
Тоа се случува поради тоа што при влегувањето на лавата во морската вода се ослободува хлороводородна киселина и пареа полна со фини честички стакло.
Килауеа веќе две недели ослободува опасни гасови во околината на вулканот, а текот на лавата уништи многу домови и го принуди локалното население на евакуација.
Поголемиот дел од островот и остатокот од државата не се загрозени од вулканските активности, но ситуацијата може да се влоши доколку екплодира врвот на вулканот.
Научниците изјавија дека во саботата дошло до спојување на нова и повеќедецениска стара вулканска магма, што создало пожешка и потечна лава, која во широк тек се движи со брзина од околу 300 метри на час.