Илјадници жители на американската сојузна држава Флорида се евакуирани поради суптропската бура Алберто која се движи на север во Мексиканскиот залив, пренесоа агенциите.
Метеоролозите предупредија дека бурата може да предизвика опасни по живот поплави во јужните крајбрежни држави.
Се очекува да достигне денес во северозападна Флорида, изјави Националниот центар за урагани на САД.
„Алберто“ е првата атлантска бура за 2018 година, која започна пред официјалниот почеток на сезоната на урагани. Според прогнозите таа ќе биде проследена со ветрови со максимална брзина од околу 85 км/ч и ќе донесе дождови од редот на 30 см, во подрачје кое се протега од Мисисипи до западниот дел на Џорџија. Потоа ќе помине низ долината Тенеси утре и задутре.
Над 5.000 луѓе беа евакуирани во Куба поради „Алберто“, пренесе ТАСС, повикувајќи се на кубанската национална телевизија.
Невремето доведе до поројни дождови, особено во западните и централните делови на земјата. Невремето предизвика нагло покачување на нивото на реките и резервоарите и ги поплави ниските области во провинциите Пинар дел Рио, Артемида, Матансас, Виља Клара и Санкти Спиритус.
Нема докази за жртви и штети, но се направи сериозна штета на земјоделските култури.