Ако им се верува на англиските медиуми, тогаш прашање е само на време, кога најдобриот фудбалер во дресот на Лестер, Ријад Марез, и официјално ќе биде претставен како нова милионска аквизиција на актуелниот шампион, екипата на Манчестер Сити.
Откако во финишот од зимскиот преоден рок, челниците на Лестер ја одбија понудата на Сити за услугите на Марез, вредна 75 мил. евра, алжирскиот интернационалец реши да ги бојкотора тренинзите и доби драконска парична казна од 200.000 евра.
Поради таквиот притисок, кој траеше со месеци, раководните лица на Лестер најпосле решија да ја исполнат големата желба на Марез и на “граѓаните”, кои ќе мораат да одвојат 85 мил. евра за обесштетувањето на крилниот напаѓач.
Предводникот на Сити, Пеп Гвардиола, постојано повторува дека многу го цени Ријад Марез и вети дека ќе направи се што е во негова моќ за да го реализира трансферот.