Напаѓачот на Баерн Минхен, Роберт Левандовски ги информирал челните лица на клубот дека има намера да си замине ова лето.
Ова го потврди и неговиот нов агент, Пини Захави кој во изјава за „Спорт Билд“ потенцираше дека на Левандовски му е потребен нов предизвик.
„Роберт чувствува дека му треба промена и нов предизвик во неговата кариера. Луѓето во Баерн го знаат тоа. Мотивацијата на Роберт не се парите или некој специфичен клуб, јасно е дека сите големи клубови во Европа сакаат да го имаат најдобриот напаѓач во своите редови“, кратко изјави супер агентот, Пини Захави.
„Билд“ тврди дека Захави го понудил Левандовски на три клуба, од кои едниот е Пари Сен Жермен. Интересот на Реал Мадрид во моментов е „изладен“, но Челзи и Манчестер Јунајтед се клубовите кои се вклучија во траката за неговиот потпис.
Левандовски позади себе има уште една фантастична сезона во која постигна 41 гол на 48 натпревари.
Полскиот интернационалец се пресели во Баерн Минхен во 2014 година и од тогаш има постигнато 151 погодок на 195 натпревари во дресот на Баварците.