ВИДЕО – Неизвесно дали Мегленци годинава ќе дојдат на Мариовско-Мегленските средби

Жителите на Меглен се секогаш поканети на Мариовско–Мегленските средби, некогаш доаѓале по две возила, некогаш по едно, некогаш пак некој сам ќе дојдел, меѓутоа приликите кои денес ги имаме со Република Грција, прават тие да не може да дојдат слободно, доаѓаат илегално. Ова денеска го изјави Стојан Ѓуровски, претседател на здружението Мариовско-Мегленски средби, во пресрет на оваа 34-та по ред манифестација која ќе се одржи во недела на 3 јуни во манастирот Свети Илија кај селото Мелница.

 

 

„Кога ја правевме 30-тата Мариовско-мегленска културна средба ни дојдоа повеќе луѓе и еден од нив се осмели и да ја поздрави средбата и да кажи нешто за нивниот живот во Меглен. Се надевам и здружението сонува, дека ако ги надминиме и позитивно решиме евроинтеграциските процеси денес меѓу нашата влада и владата на Република Грција, дека нивната посета ќе биде поголема и очекуваме да учествуваат и во програмата“, вели Ѓуровски.

 

Во недела програмата почнува во 10 часот, а пред тоа има една делегација што ќе ја посети спомен костурницата во село Витолиште, жртви на фашистичкиот терор. Во 10 часот е отворањето на Мариовско-мегленските средби. Ќе настапат и дел од актерите на Народниот театар Војдан Чернодрински со изведба на хумор и сатира. Ќе се читаат наградените 3 лични творби кои се наградени со парична награда од 4.000 првата, 3.000 втората и 2.000 денари третата.

 

„Исто така доделивме уште две награди, за исто така добри песни, кои награди ги доделува градската библиотека Борка Талески од Прилеп. Потоа следи културно уметничка програма, настап на културно уметнички друштва и тоа КУД Гоце Делчев од Битола, Етно Илинден од Битола, Стив Наумов од село Логоврди, а после тоа пак ќе ги пуштиме глумците да прочитаат малку хумор и сатира. Потоа се вклучува и настапува играорната група Пенка Котеска од Прилеп, при здружението на пензионери во Прилеп. КУД Моминок, исто така од нашиот град, настапува после Пенка Котеска и еден ексклузивен настап ќе имаме од гајдаџијата и кавалџијата Стевче Стојковки од Скопје. Со ова ја почнуваме општонародната веселба, слободна веселба, а потоа одиме на заеднички ручек. Ручекот е обезбеден од донатори, меѓутоа финансиски најмногу средбата е потпомогната од локалната самоуправа во Прилеп и тоа за прв пат оваа година да добиеме средства колку што баравме. И благодариме на локалната самоуправа и на разбирањето. Имаме уште проблеми и уште успеси, но со текот на времето мислам дека наидовме на добро примање кај градоначалникот и неговите соработници и сметам дека идните средби ќе бидат уште побогати и поатрактивни“, додава Ѓуроски.

 

 

Инаку здружението Мариовско-мегленски средби е формирано 1984 година и прв пат манифестацијата се одржала во село Витолиште на 26 мај истата година.

 

„Формирајќи го ова здружение наидовме на интелектуалци од Меглен, кои се во Битола, во Кавадарци и во Прилеп и на иницијатива на покојниот сега Стојан Малчески, наставник по математика, беше прифатена идејата, таа идеја беше пласирана до општинскиот комитет во Прилеп и таа идеја дојде до централниот комитет на РМ во тоа време. Значи здружението е формирано со благослов на овие политички органи во републиката.  Зошто го нарековме Мариовско-мегленски средби ? Затоа што овие два региона денес ги поврзува една природна воздушна граница, која никој не може да ја сокрие или да направи порта или премин. Овие два региона соработувале од памтивек, постеле мажачки и женачки, постоела погранична соработка, се одвивала трговија помеѓу Мариово и Меглен, така да наидовме на една добра атмосфера кај мегленците овде и здружението пола беше од интелектуалци мариовци, пола интелектуалци мегленци. Да не заборавиме покрај оваа соработка на населението, познато ни е дека таму во 1943, а и за време не ослободителната борба, формирани се првите организирани партизански структури на ослободителната народна револуција и борба“, истакна Ѓуровски.

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи