…Света гора е царство без круна,
држава без војска,
земја без жена,
богатство без пари,
мудрост без школо,
кујна без месо,
молитва без престан,
врска со Небесата без прекин,
славење на Христос без замор
смрт без жалење….
Кога збoруваме за Света Гора Атонска, не можеме и не смееме да занемариме дека зборуваме за парче земја на Небесата или Небо и Божествен рај на земјата. Парче земја кое е преполно со благодат, лествица надвисната врз световниот амбис, земја во која нема телесно раѓање, туку само духовно. Како сакате именувајте ја, но не заборавајте дека е, и Силоам и Витезда за светот, посебно за оние коишто таму живеат и се спасуваат.
Света Гора, како манастирска заедница, формално била основана во 963 година, кога монахот Атанасиј го основал манастирот Голема Лавра, најзначајниот манастир до ден денес. Манастирите можеме да ги делиме на групи во зависност од нивната хиерархиска поставеност, но и во зависност од нивната географска положба. Според статуот од 1924 год. хиерархискиот редослед на светогорските манастири е следниов:
- Велика Лавра,
- Ватопед,
- Ивирон,
- Хилендар,
- Дионисијат,
- Кутлумуш,
- Пантократор,
- Ксиропотам,
- Зограф,
- Дохијар,
- Каракал,
- Филотеј,
- Симонопетра,
- Свети Павле,
- Ставроникита,
- Ксенофонт,
- Григоријат,
- Есфигмен,
- Свети Пантелејмон и
- Констамонит.
Во почетокот, сите манастири биле општежителни (киновиски), но во текот на XIV в. со развојот на исихазмот, се појавува нов начин на монашко живеење, со кој му се дава предност на пустинскиот, осамениот начин на монашко живеење (идиоритмија). Иако цариградските патријарси биле против ваквиот монашки начин на живеење, сепак, тој на Света Гора се проширил, така што кон крајот на XVII в. сите светогорски манастири станале идиоритмички (неопштежителни). Подоцна ќе се појави обратен процес – постепено поминување од идиоритмија кон киновиски начин на живеење, при што имало како општежителни, така и неопштежителни манастири. Денес сите светогорски манастири се општежителни и се управуваат од игумен, додека при идиоритмијата манастирите се управувале од собор на старци, кој избирал извршен орган од два епитропа за период од една година. Кај нив власта на игуменот е скоро симболична.
Што се однесува до манастирските скитови, денес на Света Гора има 12 скитови, коишто се наоѓаат под административна управа на некој од дванаесетте светогорски манастири. Под административна управа на Великата Лавра се наоѓаат три скита: „Свети Јован Крстител”- Продромос, „Света Ана” и „Капсокаливија” („Света Троица”); под управа на манастирот „Свети Павле” има два скита – Новиот скит „Св. Богородица” и скитот „Св. Димитриј-Лаку”, а два скита припаѓаат и кон манастирот Ватопед – „Свети Димитриј” и „Свети Андреј”. Неколку други манастири имаат во своја надлежност по еден, скитот „Св. Богородица – Ксилург” или наречен „Сеј Рај“ и му припаѓа на рускиот манастир „Св. Пантелејмон”, скитот „Св. Илија” – на манастирот Пантократор, скитот „Св. Јован Претеча” – на Ивирон, скитот „Св. Пантелејмон” – Панагуда на Кутлумуш и скитот „Св. Благовештение” – на Ксенофонт.
Според прописите на последниот (Григориев) типик Света Гора била управувана сè до 1924 год., кога е донесен нов статут на Света Гора, кој е во функција до денешни денови. Според овој статут Света Гора се прогласува за автономна територија во рамките на грчката држава. Грчкиот државен суверенитет над Света Гора се изразува преку специјален политички гувернер, со седиште во главниот град на монашката република Кареја и е назначуван од страна на грчкото министерство за надворешни работи. Инаку, канонски и духовно Света Гора припаѓа под јурисдикција на Вселенската патријаршија во Цариград. Во светогорскиот главен град Кареја се сместени управните органи на светогорската монашка заедница: свештениот собор во чијашто надлежност е законодавната власт, свештената општина – надлежна за управната власт, и свештената епистасија, којашто ја реализира извршната власт. Свештениот собор има 20 члена – по еден претставник (игумен или проигумен) од секој манастир. Се состанува двапати годишно во Кареја и донесува канонски одлуки во согласност со статутот. Во исклучително важни случаи се состанува двоен собор – по два претставника од секој манастир. Свештената општина, исто така, има дваесет члена – по еден претставник од секој манастир, има едногодишен мандат, одржува седница двапати неделно и нејзините решенија се задолжителни за сите манастири. Со свештената општина претседателствува претставникот на Великата Лавра, при што на седниците присуствува и протоепистатот, но без право на глас. Свештената епистасија, којашто е извршен орган на свештената општина, има четири члена. Во неа периодично членуваат сите манастири, во согласност со системот од пет групи по четири манастири:
- Велика Лавра, Дохијар, Ксенофонт, Есфигмен
- Ватопед, Кутлумуш, Каракал, Ставроникита
- Ивирон, Пантократор, Филотеј, Симонопетра
- Хилендар, Ксиропотам, Св. Павле, Григоријат
- Дионисијат, Зограф, Св. Пантелејмон, Констамонит
Секоја од овие четири групи ја презема епистасијата (извршниот орган) за една година, со тоа што претставниците на првите манастири од групите ја носат титулата „протоепистат” и раководат со седниците на епистасијата. Свештената епистасија ги извршува одлуките на свештената општина, управува со финансиите, издава визи за престој на поклоници на Света Гора и сл. На Света Гора владее Јулијанскиот календар и византиското време, според кое новото деноноќие започнува со заоѓањето на сонцето. Само Иверскиот манастир го почитува халдејското пресметување на времето, според кое денот почнува со изгревот на сонцето. Државните служби на Света Гора се раководат според световниот календар т.е. според Григоријанскиот календар, а новиот ден за нив започнува по полноќ. Официјално во Света Гора нe се употребува месо. Основна храна за монашката заедница се лебот, маслото, виното, маслинките, зеленчукот, овошјето и рибата. Монасите, обично јадат двапати дневно – наутро и навечер, со исклучок на понеделник, среда и петок и за време на посниот период, кога утринскиот оброк се заменува со чај и леб. Тоа би било накратко, за да се запознаеме со Света Гора – Атонска, градината на Пресвета Богородица која мене ми остави траен впечаток и чувство на превознес „до третото небо со тело ли или без тело – не знам Бог знае“.(2Кор.12,2)
Оваа репортажа е мешавина од последната и претпоследната моја посета на Атон. Самата моја посета на Монашката Република, го донесе овој мој трактар и верувам дека ќе Ви доловам барем дел од оној дух на Старата и Славна Византија, којшто е сè уште жив – никаде другаде туку таму на Агион Орос – Светата Планина Атон, едно од најмистичните места на вселенава.
Првиот пат кога отидов таму тоа беше 2016 год. – сосем случајно и неочекувано, во месец ноември. А за тоа како ми се роди желбата, тоа е сосем друга работа. Желбата тлееше со години, уште кога дознав дека постои такво место, копнеев да го посетам, но секогаш кога ќе ми дојдеше на памет, потребната документација, чекањето со месеци па и години за дозвола за влез на Атон и сето тоа ми ја спласнуваше желбата.
Со моите пријатели Владимир и Горан на покана од манастирот Зограф, ја почнавме нашата мистична патешествена мисија – откритие на нешто непознато. По веќе добиениот документ за влез во Гората, неречен „Диамонитирион“ се најдовме во гратчето Уранополис и по предходната проверка се закотвивме на траектчето, кое се откотви и отплови кон Атон.
Уранополис е прекрасно гратче, не затоа што е распослан на брегот од егејското море, туку најмногу зашто е граница меѓу светот и оние што “умреа за светот”. По претходната контрола на царинската служба и полиција на Света Гора пред самиот влез на бродот, звукот од сирената го објави нашето одвојување од светот и подготовка за она со што ќе бидеме подоцна во допир. По 45 минутно возење стигнавме до првото пристаниште од светогорските манастири, а тоа е Јованица, пристаништето на манастирот Хиландар.
манастир Зограф
Веднаш на наредното „Арсана Зографу“ или пристаниште на манастирот Зограф се симнавме и скоро цел брод се испразни, зашто во Зограф оваа вечер имаше прекрасно и величенствено торжество. Манастирските коли веќе беа наредени да помогнат и да однесат некои од поклониците до манастирот, ние одлучивме пеш (одење околу 1 час) да се упатиме кон светата обител, само почекавме малку, ако е возможно да ги ставиме нашите торби и ранци во некои од колите, да не би ги носеле со нас, зашто патот беше на угорнина. Само што тргнавме да излеземе од пристаништето една кола застана и го изговори моето име на што уште без да се завртам веќе почувствував радост.
Тоа беше еден брат нашинец со кого се немавме видено од скоро, а тој веќе бил архондарик (гостоприемник) во манастирот Зограф, нè качи во колата и први не однесе пред свештената обител, а пред манастирот стоеше проигуменот и тој побара благослов да нè смести и прошета низ манастирот. Во архондарната соба која се наоѓаше на третиот кат од стариот конак, буквално вриеше од народ, кои беа дојдени за сеноќното бдение, нè почестија според светогорскиот обичај со кафе и узо и веднаш нè сместија. Во манастирот Зограф биле замонашени најмногу Македонци, Анатолиј, Калистрат и многу други, а некои од нив биле и игумени, за нас најблизок е архимандритот Калистрат Зографски, стружанец по потекло и инзвонреден псалт, незамисливи биле светите чевствувања на празниците, а да не бидат обоени од неговиот ангелски глас, па дури и кога имало свечени празнувања соборно од сите манастири во Кареја во соборниот храм на Света Гора Атонска – Протатонот, тој бил главниот протопсалт.
манастир Зограф
Манастирот Св. Вмч. Георгиј – Зограф е основан во 919 година од тројца браќа од Охрид Мојсеј, Арон и Јован, браќата на цар Самоил. Но, браќата не можеле да се одлучат кој да биде покровител на манастирот, т.е. на кого да го посветат, почнале да се препираат. Едниот сакал на Св. Никола, другиот на Св. Климент Охридски т.е. на нивниот домашен закрилник и патрон и најпосле решиле одлуката да ја препуштат на Бога. Тие подготвиле даска која ја оставиле во Црквата и додека длабоко во ноќта се молеле, повикувајќи Го Господ да им го открие името на светителот, необична светлина се разлеала од новоподигнатиот храм. Кога влегле во храмот, браќата виделе дека на даската бил саможивописан ликот на Св. Вмч. Георгиј – Победоносец. Оттаму тие го нарекле „Зограф“ или „иконописец“.
По краткиот одмор, започна големото и свечено торжество, звукот од камбаните, буквално ја тресеше планината. Католиконот (соборниот – главниот храм во манастирот), беше преполн со гости кои беа дојдени на чествувањето. Тоа беше торжество и радост што со збор не се искажува, низ разнишаните запалени полиелеи се покажа ангелското присуство. Благите и восочни светлосни зраци го осветлуваа ликот од самозографисаната иконата на Победоносецот, а пријатната миризба од моштите на св. Георгиј Победоносец, положени во сребрена рака, не престануваше да го исполнува храмот со благухание.
После завршувањето на литургијата останавме да се поклониме и да ги целиваме моштите на светиот Победоносец Георгиј, главата на св. Јован Владимир, главата на светата и преподобна Матрона, и моштите на светите: евангелистот Матеј, Климент, архиѓакон Стефан, Кир и Јоан, Теодор Стратилат, Никита, Нестор, Трифун, Харалампиј, Игнатиј – Богоносец, дел од Чесниот и Животворен Крст Господов и уште многу кои не успеав да ги запомнам, а дел од нив и не умеев да ги дочитам зашто беа ставени во два големи кивоти поклопени со стакло, и не смеевме да се задржуваме долго зашто имаше цела редица од поклоници кои чекаа ред.
Не можевме да останеме на празничната трпеза во манастирот, зашто времето си врвеше, а денот беше краток и решивме да поитаме кон манастирот Хиландар. Еден монах Грузиец, мама Гавриил (мама на грузиски е татко = отец), со кого најмногу се спријателив и изнамуабетив, ни го покажа пократкиот и пострмниот пат, низ длабоката шума кој е долг некаде околу 13 километри и низ шега ни покажа во однос на неговиот ведар и пргав дух дека ако одиме брзо ни се потребни еден и пол час, а ако сме побрзи два часа, ние пак стигнавме за три и пол часа, но најверојатно човекот не ја предвиде мојата скромна телесна грамада.
Искачувајќи ја не многу стрмната патека и насладувајќи се на Божјата убавина на Атон стигнавме во близина на пештерата на светиот Козма Зографски, упатуваќи се со прилично добро темпо излеговме од шумата и глетката беше прекрасна. Сонцето беше првото што нè пречека, а потоа и големото и сино море. Веќе бевме излезени на широкиот тампониран пат и се движевме по него, се колебавме дали е вистинскиот, зашто ни беше малку чудно, но смело продолживме да слегуваме од самото брдо и пред нас се појави едно сино комбе кое го запрев и го прашав возачот дали е тоа патот за манастирот Хиландар, на што еден отец од задното седиште ја подаде својата глава и ми кажа дека сме на 10 минути од манастирот. Продолживме и пред нас во огромната провалија која се наоѓаше под патот блесна светата, славна и царска лавра – Хиландар, или како ја нарекуваат задужбина или оставштина на благочестивите српски кралеви и цареви.
манастир Хиландар
Опколен од сите страни со огромни конаци, а над него надвиснати два големи градежни крана, зашто во 2004 год. скоро сите конаци изгореа, но денес се веќе скоро сите обновени. Хиландар е посветен на Воведението на Пресвета Богородица – Пречиста. После манастирот Зограф овде се замонашени најмногу Македонци. Би го издвоил: о. Кирил Пејќиновиќ. Дури и на надгробниот епитаф во манастирот во Лешок стои: „Теарце му негово рождение – Пречиста и Хиландар пострижение – Лешок му е негоо воспитание – Под плочава негоо почивание.“ Во Хиландар собрат исто така бил и возообновителот на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква архиепископот Доситеј.
Стигнавме пред манастирските порти и веднаш влеговме во собата за најавување и посета, зашто јас успеав уште пред да тргнеме од дома, стапив во контакт со сите манастири кои ни беа планирани за посета. Но и покрај мојата најава добивме негативен одговор зашто во манастирот пред два дена излегол еден проблем и морале да го дезинфицираат манастирот, па и монасите поголем дел биле испратени на неколку дена по другите манастири. Искушеникот ни го отвори храмот и се поклонивме пред светата и чудотворна Богородична икона – Троеручица, се понудија монасите што беа тука, да нè однесат до половина пат и да се вратиме во Зограф.
манастир Есфигмен
Ја разгледавме мапата што ја купивме од Уранополис и видовме дека најблиску ни е манастирот Есфигмен и одлучивме да го смениме правецот и да одиме кон зилотскиот манастир, само требаше да поитаме зашто денот загинуваше, а на зајдисонце сите манастири се затвораат.
За гостопримството на зилотите нема потреба од зборување, она што и ние го видовме не се опишува со зборови. Никакво најавување не беше направено претходно од наша страна т.е. не ни беше ни во план негова посета. Просто при самиот влез во манастирот, нè пресретна еден монах и првото прашање што ни го постави е: Дали сте православни и колку сакате да останите во посета на манастирот? Подоцна кога ги евоциравме спомените, сè уште не можевме да сфатиме дека најдобро бевме примени од монасите – зилоти.
Есфигмен е прекрасен манастир, посветен на Вознесението Христово, а основан од византискиот цар Теодосиј Помладиот и неговата сестра Пулхерија со нејзиниот маж Марцијан. Распослан на североисточната страна на Света Гора, покрај морската обала и опколен со огромни ѕидини и неколку кули во сооднос на ѕидините, а врз нив огромно црно знаме на кое се испишани зборовите „Православие или Смрт“.
манастир Есфигмен
Многумина различно си ги толкуваат овие зборови, па дури одат до таму да констатираат дека зилотите се екстремисти или радикал-структури. Вистината е сосем поразлична. Овие зборови го означуваат нивниот живот, проследен од основањето па до денес, тие се спремни да умрат за верата.
Во манастирот има повеќе од 100 монаси, од различни националности иако повеќето се Грци, а и манастирот е грчки. Света гора нема струја, сите манастири имаат агрегати во однос на нивните потреби, а Есфигмен го нема ни тоа. Откако е основан до денес се трудат да ја задржат традицијата, нема топла вода, нема светилки, сè уште го користат светлото од газиените ламби и навистина е чуден моментот кога гледате монах по зајдисонце како се искачува на дрвена скала и ги пали газиените ламби што се провиснати на сводовите од ѕидините на манастирот.
Таму се запознавме со една мала група на Грци и Руси и еден Србин со кои ја делевме собата. Сите бевме пристигнати истиот ден, освен Србинот кој бил таму веќе неколку денови. Според типикот на манастирот, затоа што беше среда, оброкот им бил само еден и тоа утрото, но за нас ја поставија трпезата која ни излезе во пресрет зашто бевме премалени и од пат и од глад, ни запалија оган во собата и нè известија да си легнуваме веднаш, а беше некаде околу 17 часот по грчко локално време, зашто службата започнува во 1 00 часот по полноќ. Потоа, по завршувањето на богослужбата, еден љубезен монах, ми каже дека сака да ме одведе да се поклонам на чудотворната икона „Пресвета Богородица – Ружа Неовенлива“, која има многу интересна историја.
манастир Есфигмен
Имено претходниот игумен Ефтимиј ја имал оваа икона во својата келија и постојано ѝ се молел па таа уште тогаш ја покажала својата чудотворност. Пред да почине во 1999 год. им благословил на братјата во манастирот да ја стават на неговиот гроб. Така и се случило, но манастирските пчели кога оделе да собираат мед, наместо во сандаците да прават саќе, тие тоа го правеле врз иконата од гробот, но пазеќи да не го покријат ликот на Пресветата и на Христа. Подоцна монасите внимателно ја отстраниле и иконата и ја ставиле во олтарот, а иста таква копија е направела и ставена во внатрешноста на храмот, исто така чудотворна на која монасите со длабока побожност ѝ пристапуваат и ја целиваат. Се заблагодаривме на гостопримството и заминавме по истиот правец назад.
За еден час стигнавме повторно во Хиландар зашто хиландарците имаат бесплатно комбе превоз до пристаништето кое е оддалечено околу 4-5 часа пеш. На патот кон Хиландар минуваќи низ лозјето хиландарско, кое плени со својата убавина, беа недогледливи површини и површини под лозови пењушки. По земјениот пат од десната страна распослано лозјето, а од левата кипарисите (еден вид на бор, кој е многу висок, а тенок т.е. неразгранет, сличен на нашите тополи) кои монасите ги саделе при секое замонашување на нов брат и ако ги броите може да видете колку монаси биле во Хиландар од своето основање од времето на Стефан Немања – Свети Симеон Мироточив па до денес.
Пред Хиландар влеговме во комбито и за половина час бевме на другата страна од Света Гора на хиландарското пристаниште Јованица. Пристигна бродот и се упативме кон рускиот манастир „Св. Пантелејмон“. По патот им се насладувавме на убавините од манастирите Дохијар и Ксенофонт, кои се распослани покрај обалата.
манастир „Св. Пантелејмон“
Средбата очи в очи со руската красота „Свети Пантелејмон“ навистина пленеше. Манастир, а во суштина цел град. Дисциплина, строгост, ред и поредок каков никаде не приметивме. Сите имаат архондарни соби (гостоприемници), а овие огромна зграда на 4 ката со капацитет од 1.000 души. Веднаш се упативме да се запишеме и да не сместат, а потоа влеговме во еден параклис во кој се положени само мошти од светители. Св. Јован Претеча, Јосиф Обручникот, Св. Козма и Дамјан, главата на св. Пантелејмон и евангелистот Лука, стапалото од св. апостол Јаков, апостолите: Андреј, Филип, Вартоломеј и Варнава, св. Исканиј, св. Дионисиј Аеропагит, св. Марина – Огнена Марија и многу други. Да целивате ви треба половина час, а притоа по 30 секунди до минута да се задржите на сите, буквало една цела црква полна со мошти.
Во собата во која бевме сместени имаше околу 30 души од сите краишта на светот, од Американци, Руси, Канаѓани, Британци, Пољаци, до Бугари, Срби и што уште не. Од 14 до 16 часот имаше вечерна богослужба па трпеза и веднаш: повечерие со канон и акатист на Пресветата. Службата утредента започна во 2 и 30 по полноќ и траеше до 7 часот, каде се изнасладивме од пеењето на двата манастирски хорови исткаени во четиригласно пение. Милина за очи и уво буквало по мој вкус „достојна песна на Бога“.
манастир „Св. Пантелејмон“
манастир „Св. Пантелејмон“
Монасите скоро сите што беа во храмот посветен на „Покровот Богородичен“ држеа во рацете цели регистратори испишани со имиња кои ги спомнуваа за нивно здравје и спасение, а кога заврши литургијата се поклонивме на чудотворната икона на Св. Пантелејмон која има долга историја и многу перипетии како е стигната до манастирот. Манастирските трпези обилни и во потполна тишина исполнети, а украсени од гласот од монахот кој го читаше житието на светителот кој се празнуваше тој ден. На крајот љубезно нè замолија да им помогнеме околу чистењето на манастирската трпезарија, на што со голема радост си го извршивме нашето т.н. послушание. Во 12 часот пристигнуваше бродот за враќање назад „во светот“, на што со тага ни се враќаа нозете. Овие 4 дена беа како еден миг. И најпосле повторно во Уранополис и назад дома.
манастир „Св. Пантелејмон“
Тој жар што ми остана од првата посета решив да го рализирам повторно. Долго размислував и најпосле решив, 2018 година по Велигден одам со истите пријатели Горан, Владимир, но овој пат и уште еден добар пријател кој ни се придружи, Сашо. Имав предвид сосема друга маршута, од средишниот дел на Атон па надолу. Успеав да ги подготвам документите и да се најавам скоро секаде, овој пат веќе ме знаеа некои од Епистасијата и сето тоа го завршив за 6 месеци. Неделата по Велигден, 15 април тргнавме, а на 16 веќе бевме во Уранополис. Овој пат тргнавме онаму кадешто застанавме претпоследниот, руската красота „Свети Пантелејмон“ (за него веќе кажав неколку збора, претходно).
манастир „Ксиропотам“
манастир „Ксиропотам“
Наредниот ден по угорнината над манастирот се упативме кон манастирот Ксиропотам којшто е на главниот пат на релација Кареја – Дафни. За отприлика еден час стигнавме на крстосницата која води кон Дафни, кон Кареја и кон манастирот Ксиропотам. Се упативме кон манастирот. Нè пречекаа убавите стази прекриени со лоза и киви, градината на манастирот и по скалите се исправи пред нас манастирот Ксиропотам, посветен прво на Свети Никифор, па потоа црквата и манастирот на Светите четириесет маченици во Севастија. Манастирот најверојатно има малку поразличен типик, најверојатно почнувале со богослужбата подоцна па затоа беше затворен, не можевме да чекаме за да не би го пропуштиле комбето кое се движи на релација Дафни – Кареја. Одморивме кратко на видиковецот пред манастирот од каде како на дланка се гледаше пристаништето Дафни и патот кој води над него до манастирот Симонопетра. Се овековечивме со неколку фотографии, веднаш тргнавме назад и такси – комбето веднаш наиде, ги ставивме ранците и влеговме. За триесетина минути стигнавме во Кареја – престолнината на Света Гора Атонска.
Во деветти век, пред да биде комплетно организиран монашкиот живот во Света Гора имало едно место над Јерисосевиот залив кое се викало „збиралиште на старците“ , а во времето кога е организирана монашката заедница на Света Гора, Кареја станува административен и духовен центар на Света Гора. Таму се сместени: свештениот собор во чијашто надлежност е законодавната власт, свештената општина – надлежна за управната власт, и свештената епистасија, којашто ја реализира извршната власт. Кареја која во превод значи лешник, орев или оревница (зашто на тоа место ги има во изобилие) е во средишниот дел на полуостровот и е некаде околу 500 до 600 метри над источната обала на морето. На малиот плоштад пред Епистасијата или Протатот е сместена базилика или Протатон, католикон, соборниот храм на Света Гора посветен на Успението Богородично, а подигнат пред почетокот на градбата на католиконот во Великата Лавра околу 962 година, под покровителство на византискиот император Никифор Фока. Се симнавме во самиот центар на Кареја, ги оставивме ранците во едно мало паркче на тревата и се упативме кон големиот и грандиозен скит Свети Андреј.
скит Св. Андреј
скит Св. Андреј
Уште од самиот почеток Кареја станува главно место на сите тогашни подвижници. На местото каде што се наоѓа сега овој скит, Светиот Атанасиј Атонски направил мала келија. Но, комплетната историја започнува со доаѓањето на основачот на скитот, отецот Атанасиј Пателарос. Овој скит е под духовна управа на Великиот манастирот Ватопед и неговиот старец Јефрем. Пред влезот во скитот е сместена зградата на богословското училиште во Кареја, каде што во дворот нè пречекаа малите дечиња облечени во раса со прекрасни камилавки на своите глави. Скитот – тој раскош и тоа велелепие од зданија го одзема здивот. Се упативме повторно кон центарот на Кареја и Пототатонот. Меѓутоа требаше да чекаме уште скоро 2 часа, па така веднаш се почестивме по едно светогорско макијато и заминавме во поштата да испратиме по некоја разгледница дома, тоа што е моја зараза и хоби-болест. Набргу дојде еден монах и ја отвори трокорабната базилика, запаливме свеќи се поклонивме пред светителите и нивните образи ракотворени на иконите и еден по еден влегувавме во олтарот од северната страна кон јужната, а на горното место над прекрасниот престол со балдахин во велелепен оков од злато беше окована чуварката на Света Гора Атонска – Пресвета Богородица – „Достојно Ест“ или како Светогорците ја нарекуваат „Аксион Естин“.
Некоја сабота еден старец од својата келија посветена на Успението на Пресвета Богородица заминал во Протатонот во Кареја на бдение, на својот ученик му наложил да изврши и тој богослужба, но пред почетокот на богослужбата во келијата затропал еден млад монах на што ученикот од старецот му укажал гостоприимство. По завршувањето на бдението младиот монах ги испеал зборовите кои до тогаш никој не ги слушнал, ниту пак биле запишани во некоја од богослужбените книги : „Достојно јест блажити тја Богородицу, присно блаженују….“ и потоа ја испеал литургиската химна „Иже Херувими“, по желба на ученикот, младиот монах ги запишал зборовите на една плоча. Подоцна иконата била пренесена во Протатонот на горното место.
По ова се упативме во манастирот Кутлумуш, кој се наоѓа во самата близина на Кареја. Манастирот Кутлумуш е посветен на Преображението Христово – Метаморфосис. Влеговме во манастирот и се упатувме кон анхондарната соба каде што беше еден повозрасен монах – всушност во манастирот Кутлумуш битисуваат повозрасни монаси барем од она што можеме да видеме, имаат прекрасни и насмеани старци кои со својата насмевка пленат и ја изобразуваат автентичноста на Света Гора.
манастир Кутлумуш
Стариот архондарик нè упати да одиме во источниот конак, каде што се сместуваат гостите. Монахот Кирил кој е всушност и псалт на десната певница во манастирот беше човекот кој што не смести и ни го објасни типикот на манастирот, којшто е сличен на оној Пантелејмоновиот од вчера. Во манастирот Кутлумуш навистина беше многу чудно и „дивно“ за очите, монасите кои беа на послушание си ги исполнуваа своите обврски, а старците беа седнати во дворот и расположени за разговор, но сепак тој топол пречек се чувствуваше насекаде. Го разгледавме рибникот пред манастирот во којшто пловеше прекрасна црвена рипка, прекрасните расцветани дрвја и распеаните птици.
Повторно се вративме во Кареја да прошетаме, зашто беше многу близу. Старата црква или католиконот на храмот е оној истиот кој што го изградил императорот Алексиј Комнен во 12 век. А фрескоживописот како и во сите манастири датира од 18 век од некој Исаиј, ученик на познатиот атонски монах и сликар Дионисиј од Фурна. По вечерната богослужба во средина на храмот поставија монасите долга маса на која ги ставија сите мошти за поклонение. Внaтре се чува иконата на Пресвета Богородица Акатисна и дел од чесниот и Живоворен Крст Господов, раката на стратилатот Евстатиј, на маченикот Киријак, Евстатиј Плакида, главата на Алимпиј Столпникот, дел од моштите на светиот Григориј Богослов, од маченичката Параскева Римјанка, дел од главата на светиот Елефтериј и најголемата светиња што ја имаат е левото стапало на Света Ана мајката на Пресвета Богородица.
манастир Кутлумуш
Инаку, манастирот овој денешен лик го има од 14 век кој го основал некој монах – Турчин новопокрстен по име Кутлумуш. Наредниот ден, по завршувањето на богoслужбата која беше отпеана тивко и мило од страна на монасите, го напуштивме манастирот, оставивме имиња за спомнување и се упативме кон источниот излез на манастирот. На самиот излез покрај една чешма, имаше еден човек кој продаваше темјан, икончиња и сл. Повикан од страна на манастирот, зашто во него немаше продавница, седеше тоа старче – смешко кое што се смееше постојано, а мене ми личеше многу на старец Пајсиј, се фотографиравме со него, нè благослови, нè погали, ни го кажа патот за Панагуда и се збогувавме со мистичниот Преображденски манастир – Кутлумуш.
По ова се упативме до Панагуда, живеалиштето на еден од најголемите подвижници на 20от век – старец Пајсиј. Ја посетивме келијата, поразговаравме со нејзиниот домаќин и чувар и малку се одморивме во дворот.
Панагуда
Панагуда
Кога излеговме надвор поседивме уште малку на трупците и се упативме по удолнината што води до источната обала на морето и нашата крајна цел манастирот Ивирон. Патот беше толку инспиративен и убав што навистина чувството беше прекрасно. После 40 минути одење стигнавме до големите и високи кипариси кои се во близина на манастирот, нив по стариот светогорски обичај, ги засадувале на секое пострижение на нов монах, па ги здогледавме манастирските лозја и ораниците кои беа подготвени за сеидба. Најпосле пред нас се исправи Славната и Света Свештена Иверска Обител – посветена на Успението Богородично.
манастир Ивирон
Манастирот се наоѓа на североисточниот брег на Света Гора. Бил грузиски манастир но со губитокот на грузиското монаштво станал грчки. Изграден е на крајот на 10 век, а основачи на манастирот се Грузијците Свети Јован, Ефтимиј и Георгиј Иверски. Старото име за Грузија е Иверија, и од тука потекнува името на манастирот. Лоциран е на морското крајбрежје и околу него се наоѓаат високи ѕидови во правоаголна форма. Според преданието, Пресвета Богородица пловела заедно со Св. Јован Богослов од Јопа во Кипар, во посета на Св. Лазар Четвородневниот. Кога бродот со кои пловеле бил истуркан од бурата надвор од курсот, на тогаш паганскиот Атос, тие биле присилени да допрат во близина на пристаништето Клемент, во близина на денешниот манастир Ивирон. Богородица излегла на брегот, и воодушевена од убавината на природата која ја видела таму, ја благословила и го замолила Господ да ја претвори во нејзина градина. Така според преданието се чул глас кој велел: „Нека ова место биде твое наследство и твоја градина, рај и небо на спасението за сите оние кои го бараат спасението!“ Од тој момент планината е посветена на Мајката Божја, како нејзина градина, во која не е дозволено да стапне ниту една друга жена.
манастир Ивирон
манастир Ивирон
Стигнавме во архондарикот и требаше да чекаме некаде околу еден час време, па додека чекавме братот Горан влезе во кујната да приготви кафе за сите нас и малку да се одмориме и освежиме од патот. Во архондарикот имаат голема сала со мали сепариња и масички, кујна во која имаш чај, кафе да се почестиш самиот, зашто во овој манастир слично по теркот на Ватопед, доаѓаат многу мажи на поклонение. Во Ивирон беше голема гужва, каква што нема по другите манастири зашто има голема светиња и сите доаѓаат да се поклонат, архондарикот беше премногу принципиелен па дури и ги врати неколку групи на поклоници меѓу нив и свештеници и еромонаси. Дојде нашиот ред, ни дадоа соба и влеговме во конакот кој беше преубав дури и поубав за тамошните услови. Излеговме и прошетавме околу манастирот кон источната страна. До самите манастирски ѕидини се исправаше прекрасна висока кула, во средина на манастирот беше црвениот соборен храм, пред него крстилницата во круг и два убави раззеленети кипариси, седнавме на видиковецот пред манастирот и го набљудувавме внимателно пристаништето кое беше огромно. Манастирот Ивирон има голема земја под дабова и букова шума па така во близина на самото пристаниште има и пилана во која ја обработуваат граѓата. Убаво се прошетавме низ пристаништето, а сонцето толку силно и топло светеше што ми се чинеше дека и тоа се радува со нас, посебно со мене, зашто уште пред да тргнеме јас најмногу се радував што ќе дојдам во Ивирон, подоцна ќе ви кажам зошто. Ја стапнувавме внимателно земјата која ја стапнала и Пречистата Владичица наша Богородица и полека се упативме кон изворот или источникот на Иверската икона. Јас не бев сигурен дали е тоа местото но кога видов како групи од поклоници одат кон тој извор, веднаш и ние се упативме таму и тоа беше тоа што го баравме. Имено :
Во IX век, во времето на императорот Теофил (829-842), кој бил обземен со иконоборчка ерес, се одвивало жестоко гонење против светите икони. Православните почитувачи на светињата биле изложувани на измачувања, а иконите биле исфрлани од храмовите и спалувани. Во сите градови и села биле испратени службеници со строга наредба да ги бараат иконите и да ги спалуваат.
Во тоа време, недалеку од Никеја, живеела една богата, благочестива и добродетелна вдовица со својот син. Таа имала чудотворна икона на Богородица, спрема која пројавувала голема вера и побожност. Откако изградила црква во својот дом, таа во неа ја поставила таа света икона и често пролевала топли солзи пред неа. Кога во нејзиниот дом дошле царските службеници и ја виделе иконата, и рекле со заплашувачки тон: – Плати ни, или ќе ја извршиме царската волја и ќе те предадеме на измачување! Вдовицата ги убедила, дека наредниот ден ќе им ја даде бараната сума. Користољупците се согласиле да почекаат. Откако си заминале, во текот на ноќта вдовицата заедно со синот отишла во црквата. Долго се молела на колена пред светата икона, издигајќи ги рацете кон небото и напојувајќи ја земјата со солзи. Потоа со трепет и со побожност ја однела иконата на морскиот брег и таму одново паднала пред неа и со умиление и се обратила на Небесната Царица: – Владичице на светот! Како Божја Мајка, Ти имаш власт над сета твар. Ти можеш да нè избавиш од гневот на нечестивиот цар, а Својата иконата – од потонување! Со тие зборови таа ја спуштила иконата во морето, по што видела нешто чудно: светата икона не паднала со ликот во водата, туку останала исправена и така, носена од брановите, се оддалечила кон морската шир.
Утешена од тоа видение, вдовицата Му заблагодарила на Господа и на Неговата пречиста Мајка и му рекла на синот: – Сега нашата желба и нашата надеж ќе се исполнат. Благочестието и побожноста спрема Пресвета Богородица нема да бидат напразни. Сега сум подготвена да умрам од рацете на мачителите за љубов кон Неа. Но не сакам и ти да загинеш. Јас не можам да заминам оттука, но тебе те молам да избегаш во Елада. Синот ја послушал мајка си и откако се збогувал со неа, веднаш се упатил кон Солун. Оттаму заминал на Света Гора, на место на кое подоцна бил изграден Иверскиот манастир. Се замонашил и откако го поминал животот во подвизи на благочестие, мирно се претставил пред Господа.
манастир Ивирон
Се разбира, тоа негово преселуване било устроено по Божја промисла, зашто атонските пустиножители дознале од него за иконата, оставена од неговата мајка во морето. Само Сезнајниот Бог, Кој врши славни и прекрасни нешта, знае каде толку долго се криела чудотворната икона на Приснодева!… Но, веднаш по смртта на никејскиот дојденец на Света Гора, монасите од Иверскиот манастир виделе во морето огнен столб, кој бил висок дури до небото. Обземени со страв и ужас, тие не можеле да се поместат од местото и само извикувале: – Господи, помилуј! Тоа видение се повторувало неколку дни и ноќи. Пустиножителите од сите околни манастири се собрале на брегот и виделе дека огнениот столб се издига над икона на Богородица. Но, при секој обид да се приближат до неа, светата икона се оддалечувала от нив. Монасите од Иверскиот манастир, повикани од својот игумен, се собрале во храмот и со солзи го молеле Господа на нивната обител да им ја дарува таа бесценета скапоценост – светата икона на Неговта Пречиста Мајка. И Господ милостиво ја услишил нивната молитва. Во тоа време во Иверскиот манастир живеел еден старец по име Гавриил, Грузиец по народност. Тој се одликувал со строгост на живеење и со едноставен карактер. Летно време се искачувал на врвот од едни непристапни карпи, за да се посвети на безмолвие, а преку зимата слегувал од планините на пониски места – покрај морето или во манастирот. Секогаш бил облечен во груба облека, се хранел со треви, пиел само вода, со еден збор – живеел како земен ангел и небесен човек.
Пресвета Богородица, блескајќи со небесна светлина, му се јавила на сон на тој благочестив старец и му рекла: – „Кажи му на игуменот и на браќата дека ќе благоволам да им ја дадам Мојата икона за покров и за помош. Влези во морето и зачекори со вера по брановите. Така сите ќе разберат за Мојата љубов и благоволение кон вашиот манастир.“ Старецот му го раскажал видението на игуменот. Утредента сите монаси од Иверскиот манастир, со молебно пеење, со кадилници и кандила излегле на морскиот брег. Гавриил тргнал кон морето, чудесно зачекорил по водата како по суво и бил удостоен да ја земе светата икона во своја прегратка. Монасите ја дочекале на брегот со побожна радост, изградиле на тоа место параклис и три дена и три ноќи вршеле молбени пред неа. Потоа ја внеле светата икона во соборната црква и ја поставиле во олтарот.
Наредниот ден, монахот којшто ги палел кандилата влегол пред утрена во храмот, но таму ја немало новопоставената икона. По долго барање, монасите ја нашле на ѕидот над манастирската порта, и ја однеле на старото место. Но наредното утро повторно ја нашле над портата. Тоа пренесување на иконата во црквата и нејзиното чудесно враќање на манастирскиот ѕид се повторило неколкукратно. На крај, Пречистата Дева му се јавила на сон на истиот оној Гавриил и му рекла: – „Кажи им на браќата повеќе да не Ме искушуваат. Не сакам да бидам чувана од вас, туку сакам да бидам ваша Пазителка не само во сегашниот живот, туку и во идниот. Нека сите монаси, коишто ќе живеат на Света Гора добродетелно, со побожност и страв Божји, се надеваат на милосрдието на Мојот Син и Владика. Од Него го измолив овој дар. И ете ви знамение: додека ја гледате Мојата икона во тој манастир, до тогаш благодатта и милоста на Мојот Син кон вас нема да се намали!“
икона на Пресвета Богородица Портаитиса
Кога слушнале од Гавриил за тоа видение, браќата се исполниле со неискажлива радост, изградиле пред манастирската порта мал храм, посветен на Пресвета Богородица и ја поставиле во него чудотворната икона. Оттогаш таа стои на тоа место, избрано од Самата Божја Мајка, поради кое и се нарекува икона на Пресвета Богородица Портаитиса, односно Вратарница, а е наречена и Иверска икона, според името на манастирот.
Тој параклис којшто се наоѓа на самиот брег е оној истиот во кој била оставена три дена и три ноќи пред кој бдееле самите монаси. И ние се помоливме, се напивме од водата и исполнети со прекрасно чувство се вративме во манастирот. На средина од манастирот е католиконот – соборниот храм, а до него се наоѓа малата црквичка во која е сместена иконата Портаитиса, истата онаа црквичка која всушност била и влезот од манастирот, зашто помеѓу неа и големата црква, тука била вратата за влез во манастирот. Вечерната започна во 17 часот и потоа имаше вечера, а по вечерата акатист, но во црквичката на Портаитиса. Огромна икона ставена во златен и сребрен оков и целата наредена со обележја, панагии, инсигнии, медаљони, чинови од армијата и сите оние кои и дале дар, за некое извршено чудо. Иверските монаси ѝ оддаваат толку голема почит што тоа се чувствуваше и од нивното пеење, јас стоев веднаш до игуменскиот трон, а до него стоеше игуменот кој со своето пение го надополнуваше и пратеше псалтот. Тоа беше толку прекрасно и организирано пеење што ти се чини дека си на небесата.
Утредента, утрената се служеше во католиконот, а литургијата во црквичката на Портаитиса, тоа беше прекрасна служба. По литургијата монасите не доручуваа и потоа проверив во нивниот ред и видов дека неколку дена во неделата јадат само еднаш, но за нас имаа приготвено чај со суварки и по едно јајце велигденско – типична свтогорска храна – благословена. И на крај се збогувавме со иконата и манастирот и се подготвивме па слеговме на пристаништето.
Имаше едни браќа Грци од островот Евија, кои исто така одеа кон нашата наредна дестинација, а тоа е манастирот Филотеј, се качивме во автобусот и отидовме до Кареја, и од Кареја за манастирот Филотеј. Се колебавме дали да одиме пешки, но одлучивме со превоз, за да не би ги потрошиле силите, па да не можеме да појдеме после до тропскиот манастир Каракал.
Стигнавме во Филотеј, целиот обвиен со густа шума, прекрасен, манастир на високо брдо под планината од кое се гледа целата источна обала. Посветен на Благовештението. Основан во 10 век од Светиот Филотеј кој што бил родум од Христопол – беломорска Македонија. Пред влезот на манастирот на самата кула пред него е фрескоживописан пеликанот кој се ранува себеси, за да ги нахрани своите чеда, коишто сатаната – змијата ги беше опкружил.
манастир Филотеј
манастир Филотеј
Во дворот беше права мистика, иста онаква за која постојано зборува неговиот игумен аризонскиот старец Ефрем ученикот на старец Јосиф Исихаст. Прекрасен двор, целиот во трева со прекрасни дрвја и цвеќња. Љубезниот монах, нè почести со чаша вода, локум и узо – стар светогорски обичај којшто се негува во овој манастир, па потоа се запишавме во книгата на поклоници и така оставивме своја трага.
Ги оставивме ранците и заминавме по патот до манастирот Каракал или како што го нарекуваат тропскиот манастир, тој е последен од источната обала, несметаќи ја Лаврата која се наоѓа под самиот врв на Атос. Патот до Каракал е козји пат, но толку исполнет со прекрасни дрвја, капинки, распеани птици кои и нас нè распеаа не знам колку пати ја испеевме Христос Воскресе, запревме на еден кладенец посветен на свети Георгиј, се одморивме во него и на одење и на враќање, патот е околку 45 минути. Најпосле стигнавме пред манастирот Каракал, пред нас се исправи големата и позната каракалска кула која е симбол на манастирот посветен на првоврховните апостоли Петар и Павле.
манастир Каракал
манастир Каракал
Името го добива по турскиот збор – „кара кула “ – „ црна кула“. Поклоници скоро и да немаше, зашто е многу далеку, бродови по источната обала пловат многу ретко и во одредени денови, па затоа ние ја искршивме монашката тишина. Монасите си работеа во градините, пред манастирот имаше голем рибник и прекрасно лозје кое беше толку убаво обработено што не ги тргнавме очите од него. Влеговме внатре, љубезните монаси нè пречекаа влеговме во црквата се поклонивме пред чудотворната Богородична икона Каракалска, пред иконата на апостолите и го испавме тропарот на Пасха, монасите беа толку мили што постојано нè прашуваа и со љубов нè гледаа, тој жив порив на братска љубов се чувствуваше насекаде, јас се изнамуабетив со монахот со црвен крст на клепушот, сe поздравивме и се вративме назад во Филотеј.
Наближуваше часот за молитва удирањето на клепалото тоа и го означи. Имаше многу монаси кои беа многу тивки, не разговараа со никого и секој си стоеше на своето место, влезе едно мало и старо деде – монах и многу ми се смили на очите кога зеде благослов од 3 пати помладиот еромонах кој служеше, имаше и еден црнец монах, којшто се сеќавам го имаа интервјуирано на некои од емисиите во репоражите за Света Гора, тоа не беа монаси, тоа беа ангели во тело.
Испосницата на Свети Сава
Пред нас ги извадоа моштите да се поклониме, а имаше премногу мошти од кои најголемата светиња беше десната рака на свети Јован Златоуст, онаа рака која ни ја напиша Светата и Божествена литургија. Утредента се збогувавме и се вративме во главниот град Кареја. Во Кареја ја посетивме келијата наречена Патерница и Испосницата на Свети Сава со чудотворната икона Млекопитателница, се качивме во автобусот и се симнавме во главното пристаниште Дафни, се качивме на бродот, заблагодаривме на Бога и така исполнети и озарени од „невечерната светлина“, со Божја помош и молитвеното застапништво на Пресветата, Преблагословена и Приснодева се вративме дома со цел да „растеме по мерата Христова“ (Ефес.4,13).
чудотворната икона Млекопитателница
манастир Ксенофонт
Не сакам повеќе да раскажувам зашто можеби и претерав со моите описи, но знаете сето тоа е зашто јас, а и моите браќа бевме преполни со емоции и благослов, источени преку сите светињи во Гората, во Светата Гора – пустината што раѓа само живот бесмртен. Слава и вечна пофалба на Творецот.
Автор :
Емилијан Зелнички