Македонија на дното на европската листа по безбедност на патиштата

Facebook
Twitter
Email
Print

На секои 100.000 жители на Македонија, статистиката покажува дека повеќе од седум гинат на патиштата. Со ваков биланс на жртви, безбедноста на патиштата нашата држава заостанува зад европските и црниот биланс ја сместува во последните 5 од вкупно 32 земји во Европа, според безбедност во сообраќајот.

 

„Станува збор за поразителни бројки и затоа од наша страна ќе преземеме се за да го намалиме бројот на жртви на патиштата и максимално да ја зголемиме безбедноста. Во земјите од Европската Унија има во просек 5,2 жртви во сообраќајот на 100.000 жители, а во Македонија има 7,1 жртва на 100.000 жители, изјави министерот за транспорт и врски Сугарески, кој учествуваше на меѓународната конференција “Безбедност на патиштата“, што се одржа во Скопје.

 

Веќе е формирана работна група која  до крајот на 2018 година ќе даде конкретен предлог за формирање на агенција за управување со безбедноста на сообраќајот.

 

„Безбедноста е комплексен проблем каде што се бара мултисекторски пристап и неопходност од поставување на механизми за ефикасно и ефективно управување, координација и одржливо финансирање на системот на безбедност. Многу е важно е да се мобилизираат и подготват сите клучни институции и секоја од нив да преземе соодветни активности во својот делокруг на работа. Во така насока се јави потребата да се формира една водечка институција односно Извршно тело кое ќе има крајна одговорност и задача за подобрување на безбедноста и намалување на бројот на жртви на патиштата во Република Македонија“, рече Сугарески.

 

Колку е лоша безбедноста во сообраќајот директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, илустрира со два примера. Преку контролниот пункт во Неготино, кој засега го мониторира сообраќајот на автопатот Демир Капија-Смоквица, регистрирано е возење во тунел со брзина од 180 километри на час. Во проект спроведен со поддршка на Светска банка, пак, за два месеца на патиштата се откриени пет камиони натоварени со 70 тони. Затоа, вели Китанов, треба да има казни и информира дека дека во план е следната година целиот патен дел од Коридорот 10 да биде покриен со камери.

 

Заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу изјави дека МВР презема сет на безбедносни мерки и во координација со другите институции работат на зголемување на безбедноста во сообраќајот.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи