Уште се чека најавениот официјален телефонски разговор Заев – Ципрас

Facebook
Twitter
Email
Print

Од Скопје и Атина се уште нема потврда кога би се одржал најавениот телефонски разговор меѓу премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас.

 

По последниот став на премиерот Заев дека проблем се технички прашања, портпаролот на грчката Влада во интервју за грчката телевизија Контра вели дека официјална Атина чека решавачки чекор од Скопје.

 

„Ништо не е договорено, ако не се договори сѐ. Во овој момент очекуваме од страна на политичкото раководство на поранешната југословенска Република Македонија да го направи решителниот чекор и да го прифати договорот. Нормално, за време на техничките преговори, сѐ што се договара се заведува во писмена форма. Она што го очекуваме е комуникацијата меѓу двајцата премиери,  која во овој момент не може да се предвиди кога би се случила“

 

За официјална Атина преговорите за името ќе доведат до решение само ако Владата во Скопје обезбеди промена на Уставот, за што се потребни гласовите на две третини од пратениците во македонскиот законодавен дом.

 

Премиерот Заев и натаму останува оптимист.  Во интервју за магазин специјализиран за претставниците на дипломатскиот кор во регионот, шефот на македонската влада вели дека разговорите со Грција водат кон решение и дека во јули Македонија очекува покана за НАТО.

 

„Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Република Македнија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО. Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион“, истакна Заев.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи