НВО „РОМА СОС“ од Прилеп бара затворање на училишната зграда на подрачното основно училиште „Добре Јованоски“ затоа што според нив просветниот и санитарен инспекторат констатирал дека нема соодветни услови за обезбедување на настава во тој објект. Бараат 180-те ученици да се префрлат во главната зграда на училиштето. Oд РОМА СОС за ова имале поднесено и претставка на 5-ти март до МОН, инспекторатот и Општина Прилеп. Родителите се плашеле јавно да го признаат проблемите.
„Нема технички и хигиенски услови за одржување на настава. Објектот се руинирани и небезбедни, а инвентарот и ѕидовите се распаѓаат. Не е обележан ниту објектот, ниту патот, а учениците се изложени на опасност во сообраќајот“, вели Несиме Салиоска, извршен директор на НВО РОМА СОС.
Како доказ дека објектот е небезбеден го посочуваaт случајот од 25.01.2018 година кога дел од еден од надворешните ѕидови во дворот паднал врз еден ученик кога тој играјќи си слегувал од него.
„Тој ѕидот бил целиот распукан и распаднат и горниот дел му паднал на ногата. Многу крварење, многу крв изгуби, му дадоа крв на болница и го правеа операција 2,5 часа“, рече Кибарија Бајрамоска, мајка на повредениот ученик.
Од ООУ „Добре Јованоски“ не сакаа да зборуваат пред камерите. Ни покажаа документ од 16.04 оваа година во кој што државниот просветен инспекторат тврди дека условите за настава во објектот се добри. Ги демантираат тврдењата од РОМА СОС, но сепак и покрај нашето инсистирање не ни беше дозволено да снимаме внатре во објектот за да се види навистиина во каква состојба се наоѓа училиштето.
Инаку станува збор за многу стара зграда каде порано се одвивале обуки за против пожарна и воена заштита, а во последните 15-тина години тука учат ученици. Објектот воопшто не е видливо обележан дека станува збор за училиште.
Од Општина Прилеп велат дека лани за време на летниот распуст биле извршени одредени градежни зафати на дел од училниците и санитарните јазли, кои што според Инспекторатот „се на задоволително ниво“, Општината била во постојан контакт со сите училишта за континуирано подобрување на условите за настава.