Повеќе илјади Грци вчера протестираа во 23 градови низ целата земја против компромис меѓу Атина и Скопје во 27 годишниот спорот за името. Тие сметаат дека името „Македонија“ им припаѓа само ним.
Протестот, организиран од комитет поддржан од грчката дијаспора, свештеници и дел од градоначалниците, се одржа претежно во градови во северна Грција. Помали собири имаше во централна Грција и на островите Крит, Родос, Крф и Кос.
Околу 2.000 луѓе се собраа во Пела, родното место на македонските антички кралеви Филип и Александар, но организаторите се надеваа на најмалку двојно повеќе.
На протестите преовладуваа транспаренти со пораката „Македонија е грчка“, „Почитувајте ја нашата историја“ и голем број грчки национални знамиња. Повеќето демонстранти велат дека никогаш нема да прифатат соседната земја да го користи името Македонија.
„Има само една Македонија и таа е во Грција“, беше нивниот став.
Претходно, македонското министерство за надворешни работи ги предупреди граѓаните на Република Македонија да бидат претпазливи во врска со протестите поради опасност од ескалација.