Се поедноставуваат даночните постапки за земјоделците

Facebook
Twitter
Email
Print

Даночни олеснувања за земјоделците со кои се очекува повеќе пари да останат кај оваа категорија граѓани, најавија денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.

 

Така, се намалува прагот за регистрација на земјоделците од сегашните 1.300.001 денар на еден милион денари, а поврат на персонален данок ќе се врши за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари.

 

Услов е земјоделците да немаат остварено други приходи во текот на годината и да немаат даночен долг кон Управата за јавни приходи. Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи по истекот на годината во која е направен приходот.

 

„Заради понатамошно поедноставување на постапката за поврат на данок за остварени приходи од земјоделска дејност до еден милион денари предвидена е измена и во Законот за даночна постапка со која Управата за јавни приходи ќе може да го изврши повратот на овие средства по службена должност, а тоа подразбира дека овие граѓани ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат што само по себе одзема време и предизвикува трошоци на земјоделците и на органот кој треба да води постапка по нивното поднесување“, појасни директорката на УЈП Сања Лукаревска.

 

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, кој присуствуваше на прес-конференцијата заедно со директорката Лукаревска, очекува дека до крајот на годината ќе се знае колку земјоделци ќе бидат опфатени со оваа мерка и колку повеќе средства ќе бидат вратени кај земјоделците.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи