Светските медиуми на своите веб-страници известуваат за постигнатиот договор на премиерите на Грција и Македонија, Алексис Ципрас и Зоран Заев, притоа пласирајќи ја веста најчесто меѓу првите три главни вести.
„Си-ен-ен“ во статија под наслов „Македонија постигна договор за промена на името со Грција“, пласирана во рубриката „Патувања“, пишува дека луѓето што сакаат да ја посетат Македонија ќе треба пред да тргнат да проверат како се вика земјата, оти во следниот период ќе се одржи референдум за официјална промена на името во „Северна Република Македонија“ (Northern Republic of Macedonia).
Објаснувајќи го спорот за името и пренесувајќи реакции од премиерите на двете земји и на ОН, ЕУ и НАТО, „Си-ен-ен“ потсетува и дека Македонија нема да биде првата земја што си го сменила името, потсетувајќи на примерот на Бурма, која во 1989 година се преименува во Мјанмар, потоа Заир, кој во 1997 година стана Демократска република Конго, како и на Чешка, која во 2016 година објави дека на англиски наместо Czech Republic ќе го користи името Czechia.
Во најновиот број на четвртата страница, „Њујорк Тајмс“ во текст со наслов „Македонија се согласи да го смени името за да го реши спорот со Грција“ пишува за изјавите на двајцата премиери и за реакциите од политичките фактори во двете земји, но и на истакнатите меѓународни фигури и ЕУ и НАТО, весникот го изнесува и расположението на населението во двете земји, посочувајќи дека Александар Велики бил древен грчки цар и воин.
На веб-страницата на „Би-би-си“ утрово 10-та на списокот 10 најчитани статии е вчера објавената „Македонија и Грција: Договор по 27-годишен спор за името“, со која британскиот јавен сервис известува дека Грција постигнала „договор за името на северниот сосед, кој себеси се нарекуваше Македонија од распаѓањето на поранешна Југославија“. Во статијата се вели дека двете земји постигнале договор за името Republic of North Macedonia, односно Северна Македонија на македонски, а јазикот на англиски ќе биде Macedonian додека жителите на земјата на англиски ќе се нарекуваат Macedonians (citizens of the Republic of North Macedonia).
Изнесувајќи го историјатот и на територијата на сегашна Република Македонија и на грчкиот регион Македонија, како и историјатот на спорот, „Би-би-си“ ги изнесува и честитката од Столтенберг, но и реакцијата на грчката опозиција и посочува дека се очекува во Преспа в сабота да биде потпишан договорот.
Намерата е потоа парламентот на Македонија да го поддржи договорот пред самитот на ЕУ на 28 јуни, по што Грција ќе испрати писмо до ЕУ со кое ги повлекува своите забелешки за преговори за приклучување на Македонија, а исто писмо ќе биде испратено и во НАТО, а потоа во септември или октомври ќе се одржи референдум, и ако македонските граѓани го поддржат договореното, ќе мора да се смени македонскиот устав, што е едно од клучните барања на Грција, за на крајот договорот да биде ратификуван во грчкиот парламент.
Грчка „Прототема“ пишува за „Severna Makedonija“ нагласувајќи дека со признавањето од страна на Грција на Северна Македонија и нејзините граѓани како „Македонци“, во суштина била прифатена националната идеологија на Скопје, со иредентизмот.
„Зоран Заев има причина да триумфира. Тој на крајот можел да прифати ерга омнес, но со право може да се гордее што обезбедил признавање на „македонскиот“ идентитет“, пишува весникот.
Весникот „Катимерини“ како главен текст ја пласира веста за постигнувањето на согласноста и завршување на текстот за договорот, посочувајќи дека грчкиот премиер Ципрас во телевизиското обраќање договорот го нарекол дипломатски успех што ги покрива сите предуслови што ги поставила грчката страна, односно новото име ќе се користи ерга омнес, односно за севкупна употреба, а дека Скопје ќе го смени уставот.
Весникот нагласува и дека Ципрас нагласил дека откако парламентот на Скопје ќе го ратификува договорот и ќе го смени уставот отстранувајќи се што може да се сфати како иредентистичко, дури тогаш Атина ќе ги повлече своите забелешки за приклучување на ФИРОМ кон ЕУ и НАТО.
Извор: Мета.мк