Синоќешното опожарување на автомобилот на пратеникот Хари Локвенец е уште еден вандалски чин насочен не само против највисоките функционери на нашата партија, туку и против европската иднина на нашата држава. Рекоа денеска на прес конференција од О.О. СДСМ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Немилиот настан кој се случи само неколку часа после потпишувањето на историскиот договор, го носи потписот на ВМРО-ДПМНЕ. Не така одамна, партиските јуришници на Груевски и Мицкоски својот партиотизам го манифестираа со напади на домовите на пратениците на СДСМ.
Целокупната домашна и меѓународна јавност беше сведок на синоќешното насилство пред македонското собрание, кога во режија на ВМРО-ДПМНЕ беше нападната македонската полиција и беше направен нов обид за насилнички упад во највисокиот законодавен дом, сличен на оној од ланскиот 27 април.
Опожарувањето на автомобилиот на нашиот сопартиец Хари Локвенец е дел од сценариото на ДПМНЕ за предизвикување немири и дестабилизација на државата.
Она што и во оваа прилика сакаме да и го порачаме на најголемата опозициска партија е дека нивните обиди за запирање на демократските процеси се премногу провидни и одамна прочитани. Недостигот на демократски капацитет на партијата чие што досегашно раководство е предмет на интерес на јавното и специјалното обвинителство е повеќе од очигледно. Секој кој се огрешил пред лицето на правдата мора да одговара.
Од тие причини упатуваме апел до надлежните институции што поскоро да ги преземат сите законски мерки и да ги откријат извршителите и нарачателите на овој гнасен чин. Процесот на забрзано чекорење кон ЕУ и НАТО незапирливо тече. Премиерот Зоран Заев ја има поддршката на домашната и меѓународната демократска јавност, за што впрочем деновиве стигнуваат честитки и поддршка од сите страни“