Општина Прилеп, во соработка со приватните стопански компании „ГЕНТЕРМ Македонија“, „Комфи Ангел“ и „Стопанска Комора на Македонија – Регионална канцеларија Прилеп“ организира рекреативна донаторска трка од 5 км. во централното градско подрачје, во недела со почеток во 19:30 часот.
Целта на овa трка е преку рекреација и колективно дружење на бизнис секторот и граѓаните на Општина Прилеп да се соберат што е можно повеќе средства токму за лицата кои боледуваат од церебрална парализа. Сите собрани средства ќе бидат искористени за тековните трошоци и набавка на опрема за Центарот за лица со церебрална парализа.
„Со ставање во функција на Дневниот центар, после Скопје, Прилеп ќе биде единствен град во Република Македонија којшто ќе добие Центар од ваков карактер со капацитет на згрижување од 25 до 30 штитеници. Општина Прилеп во првата фаза учествува со 2.5 милиони денари, кои се средства пренаменети од буџетот на Општина Прилеп на последната седница на Советот на Општина Прилеп, а ќе бидат искористени за набавка на опрема и специјално возило за транспорт на лицата од своите домови до Центарот. По самото отворање на Центарот, тековните трошоци за одржување на Центарот и прехраната за лицата кои ќе престојуваат во Центарот, ќе бидат во целост на товар на Општина Прилеп“, информираат од Општина Прилеп.
„Нормално дека несебично ја поддржавме идејата од неколку аспекти. Знаеме дека ‘Комфи Ангел’ е декларирана како општествено одговорна компанија, каде во сите процеси ги вклучуваме нашите вработени и токму овој настан им овозможува покрај партиципација со котизација, да направат нешто добро за другите, да направат нешто добро и за себе. Досега, до овој момент, пријавени се околу 300 вработени. Ова значи наше масовно партиципирање, а исто така ги повикувам и другите компании кои се дел од Општина Прилеп и членови на нашата Регионалана комора, масовно да земат учество“, истакна Ирена Јакимоска косопственик на ‘Комфи Ангел’ и претседател на Стопанската комора за Прилеп.
„Во името на ‘ГЕНТЕРМ Македонија’ сакам да истакнам дека ова е почеток на една социјална одговорност на компанијата. Среќен сум што веќе се инкорпориравме како субјект во бизнис заедницата и тоа е видливо. Со 1.500 вработени во компанијата, ние сме најголем работодавач во овој регион. Оваа трка нема да има натпреварувачки карактер, туку ќе биде со малку поголемо срце, донаторски. Оваа прилика ја користам да дадам еден апел до сите граѓани на Општина Прилеп, да земат учество, да ја збогатат трката и со тоа да им помогнат на своите соседи. Исто така, упатувам апел и до бизнис заедницата да земе што поголем учество, да ја направиме поколоритна таа недела на 24 јуни“, истакна Васил Костовски, директор за човечки ресурси во ‘ГЕНТЕРМ Македонија’.
Котизацијата за учество на донаторскиот маратон е 100 денари, кои заинтересираните можат да ги уплатат на Буџет на Општина Прилеп со број на сметка – 756014065763013, Приходна шифра – 725939, Програма – 00, Трезорска сметка – 1000000000063095.