Доколку во текот на годината сте имале прилог од 720.000 денари, односно во просек по 60.000 денари месечно, ќе плаќате данок на доход со стапка од 10 проценти, додека за сите приходи кои се над 720.001 денари, данокот ќе биде 18 проценти за делот на доходот над овој закон.
Фактор ексклузивно објавува дел од работната верзија на новиот Закон за персонален данок на доход со кој Владата од 2019 година воведува прогресивни стапки на оданочување.
Сите граѓани кои во текот на годината имале приход до 720.000 денари (по 60.000 денари месечно во просек) ќе плаќаат персонален данок на доход со стапка од 10 отсто, додека за сите приходи кои се над 720.001 денари данокот ќе биде 18 отсто за делот на доходот над овој износ. Во приходите кои се оданочуваат спаѓаат тие кои граѓаните ги добиваат од заработената месечна плата на работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и продажба на сопствени земјоделски производи.
Но ова не е единствената новина во законот. Според Фактор, за доходот од интелектуална сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капитални добивки, игри на среќа и осигурување ќе се плаќа данок по стапка која е единствена, односно по 15 отсто.
Исто така се предвидува граѓаните и фирмите да плаќаат данок на каматите кои ги добиле од своите заштеди во банките, ако добивката изнесува над 15.000 денари годишно.
Прогресивното одначување на приходите беше најавено во март годинава, а тоа беше и дел од програмата на сега владеачката партија СДСМ. Министерот Драган Тевдовски тогаш најави дека ќе се оданочуваат со стапка од 18 отсто сите приходи на граѓаните кои заработиле повеќе од 1.000 евра месечно, што сега веќе е преточено и во подготвителната верзија на законот. Другите новини не беа навестени.
Инаку Македонија во моментов има рамен данок односно се плаќа десет отсто на сите приходи кои се остваруваат во текот на годината. Но, во земјава низ историјата имало и прогресивни даночни стапки за „персоналецот“.
Од 1994 до 2001 година имаше прогресија од три стапки. Од 2001 до 2004 година доходот остварен во износ до 360.000 денари се оданочуваше по стапка од 15 отсто, доходот над 360.000 денари со стапка од 18 отсто. Од 2005 до 2006 година оданочувањето на доходот на граѓаните се врши повторно на три нивоа. Доходот до 360.000 денари се оданочува со стапка од 15 отсто, доходот од 360.000 до 720.000 денари со стапка од 18 отсто додека доходот над 720.000 денари по стапка од 24 отсто. Од 1 јануари 2007 година се воведува пресметување на персоналниот данок со пропорционална даночна стапка односно со рамен данок.