Федералните полициски сили на Мексико ги приведоа сите полицајци од градот Окампо и го блокираа градот поради сомнежи дека тие учествувале во убиството на кандидатот за градоначалник.
Фернандо Ангелес Хуарез беше убиен во четвртокот пред неговиот имот. Тој е само уште една бројка во црната статистика на Мексико во која се убиени преку 100 политичари кои се дел од општите избори кои се одржуваат на 1 јули. Хуарез е третиот политичар кој е убиен во западната држава Мичоакан во последните седум дена.
Во акцијата која ја спроведоа властите на Мексико се уапсени 27 полицајци и секретарот на локалната јавна сигурност, Оскар Гонзалез Гарсија, кој е обвинет за соучество во убиството. Кога федералците пристигнале во градот за да го уапсат секретарот, на патот им застанале 27-те полицајци. Затоа, утредента федералците се вратиле со засилување и го блокирале целиот град, притоа апсејќи ги сите полицајци и нивниот шеф. Сите тие беа префрлени во Морелија.
Тужителите ги обвинија Гарсија и полицајците за организиран криминал во мексиканската држава. Убиениот Фернандо Ангелес Хуарез беше успешен бизнисмен со мало политичко искуство. Тој размислувал дали да се пријави на изборите како независен кандидат, но потоа решил да се приклучи на една од главните мексикански партии, Партијата за демократска револуција.
„Не можеше да гледа толкава сиромаштија, нееднаквост и корупција, па реши да се кандидира“, изјави еден од неговите најблиски пријатели, Мигуел Малагон.