За прв пат во Македонија компаниите ќе може да се стекнат со сертификат „Фер со потрошувачот“. Сертификатот ќе се добива за имплементиранa и политики кон потрошувачот и постигнати критериуми за квалитет, односно фер трговска практика. „Фер со потрошувачот“ е заснован на стандардот ISO 26000. „Сертификатот „Фер со потрошувачот“ се издава од страна на 11 граѓански организации ширум Македонија, а носители на проектот се Асоцијација Зенит, Организација на потрошувачи на Македонија и здружение Креација.
„Потрошувачите кога ќе видат знак „Фер со потрошувачот“ истакнато во просториите или производите на некоја компанија можат да бидат сигурни дека таа компанија ќе се грижи да ги заштити нивните права доколку настане проблем било со користење на производот или услугата дека ќе има постапка за спогодбено решавање, за да се задоволи интересот на двете страни. Секоја од сертифицираните компании ќе добие и посебен софтвер за управување со евентуални поплаки од страна на потрошувачите и ќе можат да постапуваат по таквите поплаки согласно доброволен кодекс кој што го прифаќаат за фер однос кон потрошувачите. Исто така она што го добиваат сертифицираните компании е план за подобрување на односот кон потрошувачиите кој ќе им биде бесплатно изготвен и ќе им биде дадена помош во неговото спроведување во пракса. Придобивките на потрошувачите ќе бидат во поглед на тоа што лесно ќе може да ги препознаат компаниите кои продолжуваат во фер однос кон потрошувачите, а доколку настанат одредени проблеми ќе имаат каде да се обратат и дека ќе им бидат заштитени нивните интереси. Од друга страна се формира и еден одржлив извор за финансирање на граѓанските организации кои што засега во 90% зависат само од странски донации“, изјави Александар Николов, Асоцијација Зенит.
Александар Николов, Асоцијација Зенит
Целта на овој проект била да се изгради двонасочен однос на доверба помеѓу потрошувачите и компаниите. Ваков тип на сертифиикат за прв пат се воведуваат во Македонија, тој е на доброволна основа, а примерот бил земен од странство.
„Овој сертификат ќе се добие со воведување на одредени критериуми и стандарди кои што се засноваата на Повелба за заштита на потрошувачите и на Фер кодекс кон потрошувачите. Оние компании кои имаат фер трговска практика ќе имаат теренски верификатор кој што ќе ги анализира компаниите и доколку некои критериуми се исполнети околу 50 до 60 % тогаш таа компанија ќе се сертифицира. Потрошувачот добива доверба во компанијата и знае дека таа компанија има фер трговска практика кон потрошувачите“, рече Мартина Билјароска, НВО АГТИС.
Мартина Билјароска, НВО АГТИС
Првите 46 компании од Македонија бесплатно ќе се стекнат со овој сертификат. Во иднина тој ќе се наплаќа.
„Нашиот став како компанија е дека единствен шеф во компанијата е потрошувачот и само среќен потрошувач е добар потрошувач. Од тие причини сакавме да бидеме дел од самото сертифицирање и да потврдиме дека визијата на нашето работење е да го опслужиме купувачот соодветно на однапред договорените норми по основ на квалитет и квантитет и другите спецификации за достава на услугите и стоката. Како претседател на Регионалната стопанска комора дефинитивно ќе го иницирам сертифицирањето кај сите други компании кои се наши членки од причини што обостран е интересот, не само што вие ги опслужувате оние од кои навистина треба да стопанисувате, го поставувате стопанството на едно ново ниво, на ниво кое што ќе ги прави и потрошувачите посреќни, а исто така и самите добавувачи, независно дали се работи за услуга или за производ. Јас очекувам дека на почетокот бројот нема да биде масовен но кога ќе се пренесе искуството од самото сертифицирање и искуството од тој програм мислам дека и сите други компании би го следел примерот. Особено тоа што надоместокот за тоа е минорен секој мислам дека би сакал да биде дефиниран дека ги почитува правилата воспоставени помеѓу купувачот и добавувачот“, потенцираше Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп.
Ирена Јакимоска, претседател на Регионална стопанска комора Прилеп
Се очекува првите сертификати да бидат поделени во текот на летото.