Достовски: Не сум дилер, туку активист кој спасил многу животи

Facebook
Twitter
Email
Print

Членовите на Здружението „Зелена алтернатива“ пред Основниот суд организираат протест за поддршка на приведениот Филип Достовски, основачот на „Зелена алтернатива“ и активист за легализација на марихуаната, како и едукатор за лекување со масло од канабис.

 

Достовски, кој е претседател на здружението „Зелена Алтернатива“, вели дека и пред упадот на полицијата со години јавно помагале на пациенти да си направат масло од канабис за лек.

 

„Ние како здружение, 4 години претходно јавно тоа го правиме, никогаш претходно не сме имале проблем со полиција, ништо не сме криеле. Свесни сме дека некои од работите што ги правиме се нелегали, но едноставно мора да се случат. Тоа е практикување граѓанска непослушност. Значи ништо не сме работеле скришно, се било отворено“, изјави Достовски пред почетокот на судењето.

 

Тој вели дека не очекува фер судење, бидејќи, според него, постојат бројни пропусти во целата постапка. Додава и дека канабисот кој е најден во неговиот дом, е растение кое слободно вирее во Македонија. Канабисот вели, му бил даден од пациенти, за да им направи масло.

 

„Јас не сакам да се сложам со условна казна, затоа што не сум криминалец и ништо лошо немам направено. Две години им барам анализа на тоа што ми е најдено дома, за да видат дека во аптека има сто пати појаки препарати кои се даваат без рецепт. Таа анализа не ја добив, а го добив најлошото обвинение“, вели Достовски.

 

Освен припадници на полицијата, Достовски лекувал и пациенти блиски на обвинителката која поднесе обвинение против него.

 

„Обвинителката ми кажа на едно рочиште „не се секирај, знам се што си правел, си правел и за мои блиски луѓе“. Сакам да прашам дали тие луѓе ќе се сложат со обвинението што е покренато против мене, обвинението е смешно. Позади мене немам никој, како што ме обвинуваат дека стојат бизнис структури. Најверојатно ќе ме судат на база на мислење, не на знаење. Треба да ме судат на база на научни податоци, а не на суеверие“, посочи тој.

 

Неговиот адвокат Сашо Дуковски рече дека нема случај затоа што пронајдената количина кај обвинетиот не е доволна за обвинение и истакна дека тој не е дилер туку активист. Адвокатот истакна дека Достовски марихуаната ја користел за да си ја излечи сопствената болест што не е и не смее да биде казниво по закон.

 

На 28.06.2016 година при претрес во домот на Филип Достовски пронајдено е 8 милилитри масло од хашиш, 288 грама марихуана и 54 грама семки од канабис, по што Обвинителството го товари за нелегално производство и пуштање во промет на психотропни супстанци.

 

Собраните граѓани пред судот денеска симболично го прославија роденденот на активистот, и побараа негово ослободување, но и законски измени за декриминализација и безбеден пристап до канабисот во Македонија.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи