Јасната европска перспектива на регионот на Западен Балкан и Македонија останува врвен приоритет на австриското претседателство со ЕУ. Македонија никогаш не била поблиску до Унијата отколку сега и затоа треба да остане на реформскиот пат, а Австрија ќе биде нејзин силен поддржувач на тој пат, порача амбасадорката на Австрија во Македонија Ренате Коблер, претставувајќи ги приоритетите на австриското претседателство со ЕУ пред собраниската Комисија за европски прашања.
Македонија, рече таа, имаше извонредни постигнувања во реформските напори изминатата година, постигнувања од, како што потенцира, историски размери во договорите за добрососедство со Бугарија и за името со Грција што, според неа, соодветно е одразено во неодамнешниот заклучок на Советот на Европската унија.
„Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ од сега. Вашата земја има многу работа. Има јасен датум за вас, многу работа пред вас, ајде заеднички да го сработиме тоа“, рече Коблер.
Таа додаде дека како австриско претседателство ќе работат на постигнување конкретни резултати во приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и ќе ја продолжат добрата работа од софискиот самит.
Австриската амбасадорка Коблер рече дека шестмесечното претседавање на Австрија со ЕУ доаѓа во чувствителен момент поради брегзитот, мигрантската криза, изборите што треба да се одржат наредната година. Мотото на австриското претседателство е „Европа која штити“, а како што наведе Коблер ќе имаат три приоритети: безбедност и борба против илегалната миграција, обезбедување просперитет и конкурентност со фокус на дигитализација и стабилност во европското соседство со ЕУ перспектива за Западен Балкан.
Австрија претседателството со ЕУ го презема од Бугарија и ова е трет пат да претседава со Европската унија.