ВИДЕО – Прилеп доби современа пречистителна станица за отпадни води

Прилеп ја доби најсовремената пречистителна станица за отпадни води во Македонија која ќе има капацитет да опслужува 95.000 луѓе. Целиот проект освен изградбата на пречистителната станица вклучуваше и изградба на нова канализациона мрежа долга 60 км. Вкупната инвестиција чини 23 милиони евра, од кои 17 милиони се пари на ЕУ, а 5 милиони се издвоени од буџетот на РМ. Станицата денеска беше официјално пуштена со работа.

 

 

 

„И овие проекти како денешниве се всушност сведоци на тоа што веќе беше потврдено за почеток на нов однос помеѓу ЕУ и вашата земја, т.е. тоа што веќе го потврдија министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за започнување на процесот на пристапни преговори со вашата земја“, рече Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија.

 

„Ваквите иницијативи се јасен пример со кој што Европа ја носиме тука, дома, кај нас во Македонија“, истакна Зоран Заев, премиер на РМ.

 

 

 

Ова е 4-та по ред пречистителна станица финансирана од ЕУ. Досега пуштени во употреба се станиците во Струмица и Кичево, а до крајот на месецот ќе се пушти и во Радовиш.

 

„До крајот на годината министерството за финансии треба да отвори тендерски постапки за изградба на пречистителни станици во општините Битола и Тетово“, кажа министерот за финансии Драган Тевдоски.

 

 

Пречистителната станица ќе придонесе се почиста животна средина во Пелагонија.

 

„Тоа значи во Црна река нема повеќе да се слеваат отпадните води со фекалии. Земјоделците ќе можат да ги извезуваат паралелно своите производи и на европските пазари затоа што ќе бидат конкурентни“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

 

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека СДСМ во изминатиов период пушта во употреба само нивни проекти.

 

„Пред скоро беше пуштена во употреба новата градинка, проект на локалната власт предводена од градоначалникот Марјан Ристески. Токму денес, Заев ќе присуствува на пуштањето во употреба на пречистителната станица, кој е капитален проект реализиран во наше време со искористување на средствата од ЕУ фондовите“, Ирена Стерјоска, О.К. на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

 

 

 

Денеска во Прилеп започна и изградбата на Информатичкиот центар за чување на електронски податоци. Со центарот ќе управува МВР.

 

„Изградбата на ваков ИКТ центар е прв случај во поширокиот регион како една државна институција гради ваков објект за свои потреби“, кажа Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

 

Вкупната инвестиција за изградба на овој центар ќе чини околу 10 милиони евра, обезбедени од ИПА компонентата.

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи