Воздухопловната Федерација нa Македонија ќе биде организатор на 20-то Европско првенство во змејарство класа 1 (Hanggliding) и на 8-то Светско Првенство во змејарство класа 5 (Rigid wings) во дисциплината крос кантри. Натпреварите ќе се одвиваат во Крушево и Пелагонискиот регион од 8 до 21 јули.
„Стартните локации ќе бидат во Крушево на Мечкин Камен, а во регионот на Прилеп, с. Кривогаштани и регионот на Битола се предвидени местата за слетување и крај (цел) на трките. Практично во периодот од 8-ми јули до 21-ви јули 2018, пелагонискиот регион, а посебно Крушево ќе биде арена во која што ќе се натпреварува светската елита од 150 пилоти, а Република Македонија по втор пат ќе биде во фокусот на светската воздухопловна спортска јавност и домаќин на околу 200 учесници, пилоти и официјални гости кои што ќе престојуваат две недели во Крушево за време на натпреварите“, информираат од Воздухопловната Федерација нa Македонија.
Овие две големи првенства ја ставаат Македонија на мапата на најпосакувани дестинации за спортистите и љубителите на слободно летање од Европа и ширум светот. Тоа претставува одлична можност за промоција на нашата земја не само како туристичка, туку и како дестинација со одлични услови за слободно летање, особено за организирање на натпревари од висок ранг.