Седум ипол години затвор за дедото на Тамара

Љупчо Стојановски, дедото на Тамара Димовска од Велес, која почина во 2015 година чекајќи на операција на рбетот во странство, денеска во Кривичниот суд во Скопје доби седум и пол години затвор за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.

 

Судијката Софија Лаличиќ истакна дека судот сочувствува со семејството за загубата на малата Тамара, додавајќи дека сепак правдата не се добива со ”око за око”. Според неа видлива е намерата дека Стојановски пукал и сакал да го убие Тодоров.

 

Обвинителството смета дека Стојановски во јуни 2017 година со умисла се качил во воз од Велес за Скопје. Прво се упатил кон домот на Тодоров, а откако не го нашол го начекал пред министерството и кон него испукал еден куршум, кој според обвинителството не завршил во неговата глава, оти Тодоров рефлексно се наведнал. Обвинителството побара да биде продолжена мерката притвор до правосилност на пресудата, а одбраната побара тој да биде пуштен бидејќи смета дека ОЈО не понудило цврсти докази дека тој воопшто имал намера да го убие Тодоров.

 

Стојановски има рок од две недели за жалба до Апелацискиот суд.

 

Претходно, Стојановски беше осуден на условна казна затвор за поседување оружје откако тој ја призна вината. Но Апелацискиот суд Скопје на крајот на јуни годинава ја преиначи пресудата на една година ефективна казна затвор.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien