ВИДЕО – Зголемен мониторинг за апстинентите од алкохол во Прилеп за време на Пиво Фест

И додека Пиво Фест 4 дена за едни е луда и незаборавна забава, каде со конзумира многу ладно пиво и скара, за други пак е големо искушение и огромна внатрешна борба со себе си. Тоа се 60-тината членови на клубот за лекувани алкохоличари од Прилеп. Токму поради неизбежните сцени со алкохол низ целиот град, за време на фестивалот клубот има зголемен мониторинг врз поризичните членови и работи по цел ден.

 

 

„Ќе добијат таква криза што само ние во такви моменти можеме да им помогнеме. Ако се обратат до нас или ќе ги однесеме на болница или ќе седниме тука во клубот, ќе пијаме кафе се додека не им помине кризата“, вели Петре Стеваноски, член на клубот за лекувании алкохоличари.

 

„Овие денови имаме како дежурства во клубот преку целиот ден, до вечерните часови, се дружиме тука, да го избегнеме на еден начин Пиво Фест. Имаме некои ризични членови и од време на време ги посетуваме“, изјави Стојан Мечев, претседател на клубот за лекувани алкохоличари.

 

Претседателот Стојан Мечев вели дека животот под алкохол за него било вистински пекол. Ги повикува сите оние кои имаат проблем со алкохолот, особено за овие денови да се обратат до нив.

 

„Во последното време веќе не знаев ниту каде сум, ни на земја, ни на небо. Животот со алкохол е пекол. Јас сум 11 години апстинент и сум презадоволен благодарение на овој клуб кој го посетувам ја одржувам сигурна апстиненцијата“, додаде Мечев.

 

Но, клубот за жал иако е најактивниот во Македонија, кубури со средства и опстојува само со 50 денари месечна членарина. Членовите велат државата да одделувала за овие луѓе само по 1 денар од секоја продадена чаша на Пиво Фест ќе се спаселе повеќе животи.

 

„Ако сакаше некој од Владата да помогне на овој народ тоа можеше да го направи лесно и безболно. По 1 денар од секоја чаша или шише продадено алкохол не само за клубот туку и за општеството ќе биде преголема помош“, вели Петре Стеваноски, член на клубот за лекувании алкохоличари.

 

Исто така ќе се заштеделе и средства кои сега се користеле за болничко лекување. Терапевтот во клубот Јованчо Велески вели дека клубот поуспешно ги лекувал алкохоличарите од болничкото лекување.

 

„Еден болнички ден чини околу 2.400 денари, тоа за 10 дена лежење е 24.000 денари. Со тоа се оштетува и Фондот и болницата. Клубот со 50 денари членарина ги покрива сите тие ризици апстинентите да не одат во болницата и да не прават рецидиви, што е маргинална сума“, потенцираше Јованчо Велески, терапевт во клубот.

 

Прилепските апстиненти се надеваат дека во иднина државата ќе посвети далеку поголемо внимание за оваа ранлива категорија на луѓе.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien