Планинари спасувачи од Дирекцијата за заштита и спасување-Битола успешно ја завршија неколкучасовната потрагата по турист од Франција кој вчера залутал низ моликите на планината Баба.
Гостинот од Франција на возраст од околу 23 години, престојувал во Битола, а викендот го искористил за планинарење, но се загубил во пределот под врвот Пелистер, информираат од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.
„Потрагата по момчето ја почнавме веднаш по пријавата дека не контактира со своите домаќини. Го пронајдовме околу полноќ во непосредна близина на Мало Езеро, под антената на Пелистер, благодарение на телефонот кој го носеше со него. Момчето беше вознемирено, уморно и уплашено. Го прифативме, му дадовме вода и храна, а од денес повторно е со своите пријатели на гости во Битола“, изјави Петар Нолев, член на тимот спасувачи од Битола.
Спасувачите вчера мораа да ја напуштат крштевката на ќерката на Нолев за да тргнат во потрага по загубениот странец.