Владата потроши 180 000 евра за прославата за поканата од НАТО

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата потроши вкупно 179 500 евра за прославата што се одржа во саботата во 15 града низ Македонија за поканата за членство во НАТО.

 

„Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на 40-тина изведувачи коишто настапија во 15 градови ширум Македонија, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција, а се вкупно со сите ставки чини 11 900 евра по град или вкупно 179 500 евра за прославата  ‘Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ’ во сите градови. Владата ангажираше исклучиво домашни изведувачи со кои беа склучени авторски договори за уметнички трудови, односно за музичко-сценски изведби, а изборот на градови беше определен согласно со рамномерна географска застапеност“, информира Владата.

Од таму велат дека трошоците за организацијата на настаните се скромни, по нормални пазарни цени.

 

„За промоцијата на настаните не се потрошени средства за реклами во медиумите, ниту, пак, се потрошени какви било средства за организиран превоз на публика од едни во други градови“, велат од Владата.

 

Во продолжение интегрално го пренесуваме извештајот за потрошени средства:

 

Вкупната сума за реализација на настаните, разложена по ставки опфаќа:

1. Ангажман на 40-тина домашни изведувачи утврден со засебни авторски договори со секој од нив и вкупно за сите, во сите 15 градови и настапи на домашните изведувачи чини 75 500 евра.

Во секој договор е наведено дека ангажманот е за „прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО“ со наслов „Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”.  Трошоците за неколкуте изведувачи кои го откажаа ангажманот не се вклучени во пресметката и нема да се реализираат, а административната процедура со нив ќе се заврши по пат на спогодба.

2. Сценската опрема, бините, системите за озвучување и осветлување за 15 настани се реализирани од страна на компанија со којашто Владата на Република Македонија има склучено договор, врз основа на тендер и спроведена јавна набавка, којашто тековно врши услуги за изнајмување и ракување со опрема за аудио и видеоподдршка на настани во надворешен простор за потребите на државните институции.

Вкупната сума за сите трошоци за сцени и сценска опрема, за сите 15 места низ градовите, односно за сите 15 настани, чини 49 000 евра или околу 3 200 евра по град.

3. Сите други потреби и услуги за организација на настаните, што подразбира обезбедување на соодветна логистика, 150 редари, технички персонал,  заштитни огради, 15 шатори, 15 гитарски засилувачи на звук и клавијатури, транспорт на опрема и технички персонал, чини вкупно, за сите 15 настани во градовите 35 000 евра или околу 2 300 евра по град.

За оваа ставка, преку соодветни законски постапки се спроведе тендер со три понуди за избор на најповолен понудувач, по што преку критериум најниска цена, избрана е компанија која ги реализираше услугите за организација на настаните.

4. Ангажман на лица за авторски труд за креативен концепт и реализација на промотивна кампања на социјални мрежи, графички решенија, видеопродукција, визуелизации на бините и постпродукција со вкупен износ од 20 000 евра или околу 1 300 евра по град.

Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош.

Пренос на МРТВ не се реализираше бидејќи авторските договори со изведувачите не вклучуваа регулирање на авторски права за пренос во живо на национални телевизии и со цел да не се издвојува посебно ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи ширум државата.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи