Заев: Можни се предвремени избори заедно со референдумот

Facebook
Twitter
Email
Print

Премиерот Зоран Заев очекува до крајот на неделава да се заокружи процесот околу датумот, прашањето и карактерот на референдумот за името.

 

„Овие работи очекуваме до крајот на неделата заедно политичките лидери, претставници на политичките парламентарни партии, да ги дефинираме заради тоа што роковите се собираат, времето се собира ако сакаме да ги фатиме датумите 23 септември, 7 октомври како некои проектирани датуми. Очекувам дека оваа седмица ќе можеме да го заокружиме процесот и околу датумот за референдумот и прашањето и околу карактерот“, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања по стартот на изградбата на фабриката на американска „Дура“ во Бунарџик.

 

Премиерот смета дека заслужува внимание барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори пред да се разговара за членството во НАТО и ЕУ, ако, како што вели, тоа го гарантира успешниот референдусмки процес.

 

„Кога? После една година? Во секој случај вредно е за внимание кога опозицијата бара избори. Сум бил опозиција пред една година и знам дека е вредност да се седне да се разговара секако ако ова го гарантира успешниот референдумски процес како процес. Граѓаните ќе си кажат на самиот процес, но ако успее процесот да го достигнеме цензусот да ги мотивираме граѓаните да излезат за едно вакво историско прашање сите опции се отворени па дури и ова, така што заедно тоа ќе го разгледуваме“, изјави Заев.

 

Не исклучува свикување лидерска средба во случај работните групи на парламентарните партии до крајот на неделава да не постигнат договор.

 

„Очекувам до крајот на оваа недела работните групи да ги решат работите заради тоа што даваме импакт и ние како лидери. Ако не се случи решение преку работните групи јас би свикал лидерска средба или кој било од лидерите од парламентарните партии би можел да свика. Редно е до крајот на оваа недела да ги заокружиме овие процеси. Граѓаните очекуваат одговори и од името на граѓаните верувам дека ќе ги дадеме сите овие одговори до крајот на неделава“, рече Заев.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи