Проруско настроени бизнисмени од Грција се обидуваат да ја спречат Македонија да се приклучи на НАТО и за таа цел платиле илјадници долари на лица кои биле задолжени да извршат насилни протести, но и насилни акти во периодот кој престои до одржувањето на реферeндумот, тврди премиерот Зоран Заев во интервју „Базфид њуз“.
„Проруско насторени грчки бизнисмени им плаќаат на македонски граѓани од 13 до 21 илјада долари за да предизвикаат насилство пред да се одржи клучниот референдум, кој ќе утврди дали Македонија ќе може да се приклучи на воениот сојуз“, истакна Заев.
Премиерот не соопшти за кого точно станува збор за да не ја попречи истрагата која ја води полицијата, но додаде дека информацијата е добиена од неколку лица кои биле притворени по насилните протести против договорот со Грција што се одржаа минатиот месец пред Собранието.
На членството на Македонија во Алијансата жестоко се спротивставува Русија, која тврди дека Македонија е „со сила вшмукана во НАТО“.