Со пригодна свеченост денеска во Прилеп заврши проектот „Работа за Мирот и помирување над гробовите на загинатите“ кој се рреализираше во соработка со Здружението за грижа за германски воени гробишта од Касел, – Германија, а по иницијатива на професорката по германски јазик, Мануела Котеска, од средното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ од Прилеп. Овој проект досега се реализира веќе 23 години во повеќе држави на Источна Европа. Кај нас средношколците беа две недели, една недела ги уредуваа воените гробишта во Битола, а една недела во Прилеп.
„Ние сме дојдени тука пред две недели со цел да помогнеме во одржувањето и негувањето на германските воени гробишта во Битола и Прилеп. Во Битола имавме поголема обврска и задача, требаше да го расчистуваме патот од коров и трева, кој е поплочен со камен. Овде во германските гробишта во Прилеп требаше едноставно само со црна боја да ги поминеме имињата, односно да ги изначиме имињата на војниците кои што се гравирани во мермерните плочи. Од 1993 година е почната активноста ученици од нивното училиште, во соработка со здружението за грижа за германски воени гробишта од Германија, да одат по земјите од Источна Европа. Веќе бевме во Бугарија, Романија, во Полска, во Чешка, каде што учествувавме во санацијата, односно придонесување во негувањето на германските воени гробишта. Неколку пати бевме во Албанија и наредната година планираме доколку се биде во ред, да направиме една тринационална средба, меѓу Македонија, Германија и Бугарија. Во кооперација и поддршка на германскиот сојуз за грижа на германски воени гробишта, доаѓмаме тука со цел да работиме на германските воени гробишта, во одржувањето и негувањето, но пред се повеќе да склучиме нови пријателстава со младите од Македонија, конкретно од Прилеп и Битола, и да помогнеме преку работата на германските воени гробишта во одржување на мирот и да покажеме како луѓето во иднина треба и да се однесуваат. Овие 7 дена престој за нас беа многу важни, заради тоа што бевме прифатени широкоградо и пријателски и од младите, но исто така и од населението“, истакна Руберт Хопс, професор од „Јорг Цурн“ Уберлинген – Германија.
Главната цел на проектот е младите да се дружат помеѓу себе, да се запознаваат и да се зголеми толеранцијата помеѓу народите, за да не се повторат никогаш настани како што беа двете светски војни.
„И јас како професор, дел од годинашнава иницијатива, која што всушност беше и од моја страна повеќе како иницијатор во сето ова, сметам дека работата меѓу младите на вакви места, слични места, кои едноставно би не опоменувале за тоа што порано се случувало, нема повеќе да се случува. Значи целта е да се дружат младите повеќе, да разговараат меѓу себе, сите проблеми и конфликти да се надминат, со цел војните повеќе да не ни се случуваат. Во кампот беа вклучени 20 ученици од Германија и 7 ученици од Македонија. Наши ученици во Германија нема да има, поради тоа што тие имаат друг начин на организирање за грижата на германските воени гробишта во Германија, но наши ученици од Македонија учествуваат веќе 6 години со ред во слични вакви кампови. И годинава истото ќе се случува, учениците кои ќе одат повторно годинава се тука, значи имаме ученици кои одат на вакви места во Германија и учествуваат заедно со други ученици од 10 или 12 други земји во Европа на грижа, односно негување на германските воени гробишта“, рече Мануела Котеска, професор во „Кузман Јосифоски-Питу“ од Прилеп.
Заменик военото аташе на Германија, Јохан Марц, истакна дека учениците кои доаѓаат овде биле на своја волја, значи секој од нив бил тука по свое убедување и сами го финансирале својот престој во Македонија.
„Сметам дека ваквиот ангажман и овој проект е многу важен за сите, заради тоа што сме на место каде даваме почит за оние кои загинале во Првата светска војна и во соработка со здружението за грижа на германски воени гробишта од Германија. Исто така сметам дека е многу важно да се напомне дека учениците кои доаѓаат овде на своја волја, значи секој едноставно со свое размислување зошто доаѓа и сами го финансираат својот престој овде, или пак заедно со нивните родители и сметам дека тоа е многу важно не само за учениците тука во Македонија кои се дојдени од Германија, туку и за сите. Важно е исто да се каже дека на овој начин тие укажуваат потреба да им покажат на луѓето од другите народи дека сакаат да живеат во мир и да постои разбирање меѓу народите“, изјави Јохан Марц, заменик военото аташе на Германија.
Учениците велат дека се пресреќни што учествуваат во еден ваков проект каде може да се научи нешто повеќе другите државии и култури.
„Многу ми е драго што сум дел од еден ваков проект, каде што се среќаваме со различни култури. Другаруваме со деца кои имаат поинакви погледи кон светот и преку едноставна работа како што е боењето на буквите од имињата на војниците кои се погребани овде, се обидуваме да се запознаеме со културите, со цел да го зачуваме мирот“, кажа Маја Паноска, ученик од „Кузман Јосифоски-Питу“ Прилеп.
„Тука сме дојдени на германските воени гробишта во Прилеп да ги означиме имињата на мермерните плочи со боја, додека пак во Битола на германските воени гробишта имавме поголема работа, имавме поголем ангажман на воените гробишта. Ги чистевме патиштата, ја косевме тревата. Целта на овој проект е да се здружиме со младите од другите земји, конкретно од Македонија, да склучуваме пријателства, но исто така да им покажеме на другите култури како е да се грижите во иднина за мирот, единството и меѓусебното разбирање меѓу народите“, вели Пиа Дреер, ученик од Германија.
Учениците и организаторите на настанот се надеваат дека овој проект ќе се реализира и идната година.