Жителите на Мало и Големо Коњари во Прилеп бараат власта под итно да прогласи елементарна непогода во овој регион и да им биде покриена целата штета која вчера ја им ја нанесе силното невреме кое 100 процентно го уништи родот со тутун, пиперки и жито на над 600 хектари. Повеќе од 90% од жителите на овие села живеат само од земјодество. Тие денеска за своите проблеми му се пожалија на градоначалникот на Прилеп, кој излезе на терен да изврши увид.
„Значи не сме ние само поединци овде дојдени, ние сме со фамилии дома, со деца. Од тоа живееме, од тоа егзистираме и цел народ овде од тоа живее. Да не останиме само на празни зборови“, рече еден земјоделец од Мало Коњари.
„Здравство, пензиско, даноци за плаќање… од кои пари ние ќе им платиме сега? Јас сум шестчлено семејство и живеам од ова. Со 18 декари, 10 тутун и 8 пипер. Катастрофално“, вели Сашо Трајкоски, земјоделец од Мало Коњари.
Земјоделците повторно се пожалија на односот на осигурителните компании кои не сакале да им го осигуруваат родот или пак нереално им ја исплаќале оштетата.
„Осигурителните компании мајтап си играат со нас, не гледаат некој бенефит и затоа не избегнуваат“, кажа Дејан Чавески, земјоделец од Мало Коњари.
Градоначалникот Јованоски вети дека од Министерството за земјоделство ќе побара прогласување на елементарна непогода, а исто така ќе побарал земјоделциите да бидат ослободени од плаќањето на сметките за наводнување.
„Во текот на денешниот и утрешниот ден да доставите барање до Општина Прилеп, до локалната самоуправа за час поскоро да може комисијата да излези и да ја процени штетата. Ќе побарам да се прогласи елементарна непогода, затоа што во тој случај за штетите проценката е најголема“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.
Од комисијата за проценка на штети веќе биле излезени на терен, а пријавувањето на штетите земјоделците ќе можеле да го направат до 3 август.
„Има со имотно правни нерешени односи ниви, каде што немаат имотен лист. Ќе го земиме и тоа во предвид, со изјава на нотар со двајца сведоци, дека вие ја работите таа нива“, кажа Зоран Пачешкоски, раководителот на подрачната единица за земјоделство.
Од подрачната единица на министерството најавија дека веќе се разгледувала можноста да се вратат градобитните системи, но не кажаа рок кога тоа би се случило.