Во Општина Чашка вчера се одржа промотивен настан и планинарска тура во рамките на активностите предвидени во проектот „Освои ја Чашка“, кој се имплементира од страна на Здружението за едукација и развој „Едукадо“ од с. Богомила, под менторство на здружението ОК „Златоврв“ од Прилеп. Проектот е регрантиран преку „Здружени сили за заеднички интереси“ финансиран од Европска Унија во рамките на ИПА Програма за поддршка на граѓанско општество и медиуми 2014, имплементиран од страна на ЦОСВ подружница Прилеп во партнерство со ЦГИ Прилеп и ЖГИ Антико од Скопје. Со проектот се маркираше спортска патека во должина од 82 км., а вчера на настанот присуствуваа над 200 планинари, спортисти и други љубители на природата.
„Се наоѓаме во манастирот „Свети Спас“ во Општина Чашка каде што сме дојдени на планинарска акциија и дружење од Прилеп. Одевме со воз од Прилеп до Гостиражни, потоа заминавме за село Стровија и од таму дојдовме во манастирот Свети Спас во село Богомила. Тука е прекрасно, ние сме група од 52 мина, а друга група од 40-тина планинари дојде од страната на Дервен“, рече еден од посетителите на настанот.
„Го посетивме водопадот на Бабуна и изворите на Бабуна, нашата група често ја посетува Општина Чашка и секогаш прекрасно си поминуваме тука“, рече друг посетител на настанот.
„Денеска уживавме во прекрасната природа на Бабуна, изворите се прекрасни, прв пат сум тука и навистина убаво си поминав“, истакна една посетителка кој за прв пат ја посетува Општина Чашка.
„Јас сум трогнат и вџашен од поканата за учество на овој пост фестум ручек од нашата планинарска тура. А уште посебно ми е драго што се наоѓам на територија на Општина Чашка една од најнеоткриените подрачја до радикална убавина. Ако може да се правии градација на убавината има убава, поубава и радикална убавина. Општина Чачка располага со оваа третата убавина. Овде има од врвови над 2.500 метри, многу планински масиви над 2.000 метри, водопади, реки, вештачки езера, богатство од зимзелена и листопадна шума, се за она што во светот се води војна ние го имаме тука“, рече друг посетител восхитен од убавините на овој предел.
„Природата тука е навистина прекрасна, има преубави извори, реки, езера, ова беше навистина прекрасен ден поминат со одлични луѓе“, вели еден посетител на турата од САД.
Патеката ќе биде достапна како туристичка понуда и ќе биде поставена на официјалната страна на Општина Чашка. Туристите и авантуристите ќе сведочат за една нова и уникатна патека, додека локалното население ќе има можност да го промовира нивниот локален бизнис како што се ресторани, преноќувалиште, дегустација на храна и пијалаци и слично.
Општина Чашка има голем потенцијал за развивање на алтернативниот и руралниот туризам. Регионот претставува мултиетнича, туристичка и спортска дестинација.
Оваа ново маркирана патека поминува низ 10 села. Стартот и целта на патеката се наоѓаат во с. Чашка каде е и седиштето на општината. Потоа кругот продолжува по следниот редослед: Лисиче, Дреново, Долно Јаболчиште, Горно Јаболчиште, Нежилово, Капиново, Богомила, Согле и Теово.
Населените места имаат различна географска положба и се карактеризираат со природни феномени (планини, езера, реки, извори и др.) и се карактеристични поради уникатната селска и староградска архитектура. Селата ја имаат задржано автентичноста која ја имале пред еден век и се живи споменици на културата и традицијата.
Исто така тие се препознатливи и по нивните религиозни објекти: цркви, манастири, џамии. Селата во овој регион имаат многу нешта со кои се гордеат : победи во историјата, археолошки наоѓалишта, познати личности.
Оваа ново маркирана спортска патека во должина од 82 км. нека биде мотив плус да го посетите еден од најживописните предели во Македонија.