ВИДЕО – Прилепската чаршија се претвори во дискотека – Јавен Простор Прилеп со одлична забава го врати градот во 80-тите

Јавен Простор Прилеп на своите сограѓани им подари уште една комплетна вечер, за која сигурно ќе се раскажува во следните неколку денови низ прилепската чаршија. После фантастичната „Ноќ на евергрини“, Јавен Простор Прилеп ги покани Прилепчани на втората Градска забава, а на мегдан беа повикани танцовите чекори и модните детали од 80–те (нов бран, novi val, novi talas, new wave).

 

 

Нема да се претера ако се каже дека Саатот се претвори во масовна неколку часовна дискотека, исполнета не само со гласна музика, светла, пијалоци, туку и со многу дополнителни тематски содржини. Sвезди на вечерта беа „Децата со наочарите“, кои успешно ја размрдаа цела Чаршија со многу познати рефрени и тактови, кои неколку пати во текот на вечерта кулминираа со огромно и еуфорично заедничко танцување.

 

Организаторите, сакајќи што поблиску и поавтентично да ги доловат 80-те години, кои беа водечката музика тема, заедно со одличниот и расположениот тим на Чоше кафе им го понудија на посетителите подзаборавениот пијалок МЕЧЕ, како и се погрижија за нивниот изглед. За комплетниот визуелен впечаток, односно за сите истапирани коси и нашминакани лица, задолжени беа Александар Андоноски (фризерско студио COOL-CUT), Емилија Костадиноска и Дарко Костадиноски (EMA PLACE) и Горан Јорданоски (D’ARTE MODERNA). За сите пак шаренолики лица одговорни беа Ивана Секулоска и Валентина Ѓорѓиоска. Прилепчани со задоволство ги исполнија сите резервирани столчиња за “фризерај” и “шминкерај”, а најмладите најеуфорично се оддадоа во рацете на поканетите фризери и шминкери.

 

 

Освен организаторите, овој пат мораме да ги пофалиме и Прилепчани, кои очигледно се подготвиле за неделната игранка. Шаренило од бои, интересни модни креации и додатоци, а околу Саатот можеше да се забележи и по некој Фреди Меркјури, Ени Ленокс, Тајчи и многу други познати лица од таа епоха. Еден од најубавите моменти таа вечер сигурно беше едноставното визулено осветлување на градската Саат–кула, кое можеше да се забележи од сите страни на градот. Голем број од присутните забележаа дека на Саатот во еден момент светлото имаше форма на срце. За истото, Звонко Димоски од Јавен простор вели дека идејата била едноставно да се покаже дека така се сака Прилеп. Така и од најважното средиште на градот, Саат–кулата.

 

Повторно Ви пренесуваме дел од коментарите на Прилепчани, преземени од фб страната на Јавен Простор Прилеп:

 

„Е ваков го сакам Прилеп, со еден куп луѓе и сите насмеани и распеани.“

 

„Вакво нешто не било во Прилеп – ем убаво, ем весело, ем разиграно и распеани… не било… Прекрасно!!!“

 

„Од ноќи што се паметаат… оваа!“

 

„Го „оживеавте” Прилеп… Браво! И поддршка за уште вакви случки со насмеани лица… Поздрав!“

 

„Прекрасна забава, Прилеп е гладен за квалитетна музика, градскиот саат и центарот на градот повторно дишат!!!“

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи