ВИДЕО – Шведска донација во опрема вредна 300.000 евра ќе ја подобри раната дијагностика во прилепската болница

Прилепската болница „Борка Талески“ доби донација од бројни апарати, коишто ќе овозможат рана дијагностика на многу болести, а со тоа и подобра прогноза во лекување на пациентите. Донацијата вредна околу 300.000 евра доаѓа од Шведска, од невладината организација „Од рака на рака“, чиишто основачи се Марија и Томас Росенгрен.

 

 

„Се работи за апарати. Овој е мобилен рендген апарат, со дополнителен апарат кој врши дигитализација на снимката. Со оваа опрема ќе имаме можност на монитор да ја гледаме снимката. Следниот апарат е колоноскоп, наменет за преглед на дебело црево и ќе ни помогне во рано дијагностицирање на рак на дебелото црево. Во моментов располагаме само со гастроскоп, кој што го користиме за дијагностика на болести на желудникот. Дел од донацијата се и два помали апарати. Едниот ќе го користиме во одделението за ортопедија. Но, добивме и аспиратор, којшто е неопходен во одделот за хирургија. Во донацијата има  апарат за дијагностицирање на очни болести, апарат за одредување на CО2, операционо светло за во сала, 15 електрични болнички кревети, инвалидски колички, постелнина“, истакна д-р Богоески, директор на градската болница „Борка Талески“.

 

Марија и Томас само во Македонија, досега имаат реализирано повеќе од 12 донации во здравствени и образовни институции, во центрите за лица со посебни потреби, а исто така им помогнале и на одделни социјално загрозени семејства.

 

За последната донација, која што е од огромно значење за градската  болница, Марија изјави дека со големо задоволство работеле на нејзина реализација, заедно со директорот на болницата и менаџерскиот тим.

 

„Се надевам дека и понатаму успешно ќе соработуваме“, рече Марија Росенгрен на денешната прес конференција на која што беше промовирана новата донирана опрема на градската болница во Прилеп.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи