ВИДЕО – „Crossroad blues band“ ја започнува својата 11-та турнеја низ поранешните ЈУ простори

Единаесетта година по ред бендот „Crossroad blues band“ од Прилеп ја започнува својата летна турнеја низ поранешните ЈУ простори. Повеќе околу ова нивно најново гостување, кое треба да започне на 10 август, поразговаравме со фронтменот на групата Александар Дворчанец – Сале. „Cross road blues band“ ќе имаат 8 гостувања во Црна Гора, БиХ и Хрватска. Тие се единствената блуз група во Македонија која континуирано, без престанување веќе 22 години свири блуз. За прв пат оваа година планирале да имаат и зимска турнеја.

 

 

 

Сале, 10 години по ред во текот на летните месеци имате турнеја со вашиот бенд низ поранешните ЈУ републики, дали и оваа година ќе имате ваков вид на турнеја ?

 

Да, ова ќе биде веќе 11 година по ред како што ќе гостуваме со своја турнеја во поранешниите ЈУ републики. Оваа година ќе биде малку помала, имаме 8 гостувања, во 8 градови.

 

Во кои држави ќе гостувате ?

 

Започнуваме со Црна Гора, Босна и завршуваме со Хрватска ?

 

Како започна оваа идеја секоја година да имате гостувања во екс ЈУ републиките ?

 

Своевремено добивме покана да гостуваме на „Mostar blues festival“, свиревме заедно со Ана Поповиќ, тоа е еден голем и познат интернационален фестивал и некако тргна тркалото и од тогаш започнавме со гостувањата. Воспоставивме пријателства, запознавме многу луѓе на кои им се допаѓа ова што го работиме и започнаа потоа и самите да не бараат.

 

Една деценија е навистина долг период, самото тоа кажува дека блузот е баран и посакуван како музика на тие простори ?

 

Да, блузот е особено баран во Хрватска, исто и во Босна и Црна Гора. Србија има доста добри блуз музичари и многу места каде се негува оваа музика, но нема пари за жал.

 

Како сте прифатени како група од Македонија кога одите на овие турнеи ?

 

Одлично сме прифатени, да не речам дека кога ќе отидеме сме прифатени како вистински ѕвезди.

 

Рековте дека 8 дена ќе трае оваа турнеја, кои места ќе ги посетите ?

 

Започнуваме со Подгорица, потоа одиме на гитаријадата во Мостар, 5-та по ред гитаријада која се вика „Пут за југ“, на неа настапуваме како ревијални гости, не сме во тој натпреварувачки дел. Од Мостар заминуваме за Требиње, тука ќе свириме за прв пат во „Underground rock club“, тоа е еден бајкерски клуб, ни оди со бајкерите и постојано се дружииме со нив. Од Требиње заминуваме за Трпањ во „Betulla“, старо добро место. Тоа е едно навистина фантастично место. Од Бетула одиме во Читлук каде има еден „Евергрин фестивал“. Од Читлук заминуваме за Метковиќ и таму ќе свириме за прв пат, потоа ќе свириме во Комин, потоа Опузен и дома.

 

 

 

 

 

Дали некогаш сте размислувале да гостувате и надвор од поранешните ЈУ републики ?

 

Да, имаме размислувано и имаме остварено одредени контакти со градови и клубови од Полска, Романија, имаше разговори дури и со Естонија, но ете за жал немаме поддршка, спонзори, за да отидеме до таму. Досега за нашите турнеи ни помогаа локални бизнисмени, наши пријатели и навистина звучи неблагодарно кога одиш и ги молиш за пари. Тие ни помогаа да испечатиме маици, цд-иња, да ни се плати дел од патот, оваа година одиме буквално на наш трошок. Сме во некои преговори со Општина Прилеп, ќе видиме дали ќе добиеме некоја финансиска поддршка.

 

Во Македонија каде може да ве најдат вашите фанови ?

 

Оваа година свиревме исклучиво на фестивали, на бајкерски фестивали во Македонија. Се свиреше во Кавадарци, Дојран, ќе свириме тука на бајкерскиот фестивал за нашите „Рисови“ на 1 септември и има уште неколку преговори за бајкерски фестивали, во кафулиња во Македонија не свириме, освен во „Take Five“ во Прилеп. Престанав да ги барам, реков ајде вие да ме побарате мене. Моменталната ситуација на македонската музичка сцена е многу лоша. Не можеш да постигнеш цена за својата музика која вреди.

 

Зошто тоа е така, зошто не може да се постигне добра цена за добар бенд ?

 

Има доста бендови, доста деца, ние сме ајде така да кажам стари, поминале над 2 децении. Сега имаш бендови, едно девојче пее и едно момче свири гитара, значи кажувам условно, и не дека тие се лоши, но свират за некоја симболична сума, а на газдата на клубот не му е битно ништо освен тоа да има музика. Сега тој не може да викне бенд од 5 мина кога ние одиме со опрема како руска армија и треба да не плати многу повеќе отколку тие двајца млади. Мојот влог и влогот на младите дечки не и ист. Во Македонија постојат бендови кои свират навистина страшно, да ги земиме едни „Суперхикс“, тие не свират кај нас, тие свират надвор од Македонија, ние и тие свириме надвор од Македонија.

 

 

 

 

 

22 години сте единствената блуз група во Македонија која континуирано, без престанување свири блуз ?

 

Да, без промени и престанување свириме блуз над 2 децении.

 

Дали составот на групата е истиот или се менувал со текот на годините ?

 

Низ „Crossroad blues band“ поминале многу музичари, сме имале само 8 тапанари и на крајот остана првиот тапанар кој започна со нас, а тоа е Зоки. Имаше саксафонист, имавме 3 пејачки, придружни вокали, се менуваа басисти, гитаристи, и на крајот некако се се склопи и си дојде на својот ред. Сега сме јас, Бранко Нешкоски, Зоки Настески, Александар Шилоски, кој сега се ожени и сега живее во Скопје, малку му е потешко да доаѓа во Прилеп, но го заменува неговиот чичко Шилото и Давид Нешкоски, син му на Бранко Нешкоски. Оваа турнеја Бане не доаѓа со нас, но главна гитара во бендот ќе биде Давид.

 

 

Значи за овие 22 години голем број познати музичари поминале низ „Crossroad blues band“ ?

 

Буквално е така, некои музичари свират и во познати бендови, да го земам Гоце на пример, кој сега свири во Фолтин, претходно беше кај нас.

 

Две децении, 3 албуми, последниот беше „Градско дете“, дали се подготвува нешто ново ?

 

Различните прилики доведоа до тоа да ние стагнираме малку со нашето творење. Имаме нова песна,текстот е напишан, музиката е напишана, се чека вистински момент сето тоа да се склопи и да се сними.

 

После оваа турнеја дали имате планови за нови гостувања и каде ?

 

Имаме планови и за прв пат планираме оваа година да имаме доста голема зимска турнеја низ бившите ЈУ простори. Има сознанија дека во зима доста локали работат фул и дека може нормално да се заработи добро, бидејќи сепак ние свириме за пари. Веќе ги остваривме контактите. И на крај би се заблагодарил до вас, на порталот Инфо Компас, кој единствено ни излегува во пресрет и не поддржува на ваков начин.

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи