Запленети повеќе од тон генетски модифицирани соја и ориз

Facebook
Twitter
Email
Print

550 килограми генетски модифициран кочански ориз и 510 килограми соини шницли и трошки увезени од Србија открила Агенцијата за храна и ветеринарство, по што се повлечени од продажба.

 

На барање на увозникот, фирмата Виталија, на соините шницли (1.270 пакувања по 200 грама) и трошки (1.320 пакувања од по 200 грама), во моментов се врши суперанализа во референтна лабораторија.

 

„Првата анализа покажа дека има присуство на ГМО, но по закон операторот има право да побара суперанализа“, потенцира Зоран Атанасов, директор на АХВ.

 

Оризот пак бил пронајден во магацин на оператор, но не се знае кој е  е производителот. Фирмата што го увезла добила казна од 5.000 евра, а одговорното лице во фирмата 1.700 евра, појасни Атанасов.

 

И кај пченка за пуканки од Аргентина биле утврдени генетски модификации, но само со првичната анализа. Втората, суперанализа, направена во референтна лабораторија, била негативна. Покажала дека пченката не е генетски модифицирана.

 

Атанасов рече дека АХВ почнува засилени контроли за присуство на генетски модифицирани организми (ГМО) во храната. Сепак, директорот на АХВ вели дека во ЕУ е дозволено пуштање во продажба храна со ГМО, но тоа мора да биде јасно назначено на пакувањето. Тој забраната на ГМО направена со закон во 2015 година, со која се забрани консумирањето на производи со ГМО до влегувањето на земјава во Унијата ја нарече „политичка одлука“.

 

„Во светот се консумра и се произведува храна со ГМО. Науката треба да го каже последниот збор колку е тоа штетно“, рече Атанасов.

 

На прашањето дали јадеме безбедна храна, Атанасов е дециден – потрошувачите треба да бидат сигурни во тоа.

 

„Македонија консумира безбедна храна. Тоа го потврдува и фактот дека од август минатата година до денес се пријавени само три алиментарни токсикации (труења со храна). Тоа се случаите „Седмица“, „Леар“ и последниот, со свадбарите во Штип. Би сакал заштитата да биде стопроцентна, но според законот, одговорноста за безбедноста на производите ја сносат операторите. Агенцијата е контролен механизам за тоа дали тие ги исполнуваат пропишаните критериуми и стандарди“, потенцира директорот.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи