ОЈО отвори предистражна постапка за тендерот за реагенси

Facebook
Twitter
Email
Print

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе предистражна постапка по допрен глас, заради постоење на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство. Имено, станува збор за тендерот за набавката за биореагенси и тестови на крв на Министерството за здравство, вреден 35 милиони евра.

 

„Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство. Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, се вели во соопштението на ОЈО.

 

Јавноста го оцени како скандалозен тендерот за набавка на реагенси кога беше објавено дека се јавила само една фирма, регистрирана безмалку во исто време кога беше отворен техничкиот дијалог за тендерот во април годинава. Единствениот понудувач беше фирмата „АХР лаб“ увоз-извоз ДООЕЛ, сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а како директор во Македонија се наведува Александар Јовановски – Жути.

 

Од документите во Централен регистар се гледа дека фирмата е регистрирана со странски капитал, како микро фирма со влог од само 5000 евра.

 

Единствен контакт со компанијата, наведен во Централниот регистар, е zuti45@yahoo.com.Седиштето на компанијата е на иста адреса со канцеларијата на Филип Медарски, адвокатот на премиерот Зоран Заев, но Медарски демантира дека има некаква поврзаност со „АХР лаб“ увоз-извоз ДООЕЛ и нагласи дека на таа адреса има уште неколку адвокатски канцеларии.

 

Три компании за овој тендер поднесоа жалби до Комисијата за жалби по јавни набавки и таа ги прифати сите три, утврдувајќи дека Министерството за здравство прекршило најмалку 7 членови од законот јавни набавки, при што побара тендерот да се поништи. Команиите меѓу другото реагираа бидејќи во тендерската спецификација беа пропишани услови кои одговараа само на една компанија.

 

Министерот Венко Филипче соопшти дека со евалуацијата е потврдено дека има недостатоци во поднесените документи од страна на економскиот оператор и дека тендерот во вредност од 35 милиони евра е поништен. Фичипче најави нов тендер за реагенси кога ќе се утврди зошто се јавил само еден понудувач.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи