Министерството за здравство соопшти дека денеска е почната постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот септември 2018 – септември 2020 година.
„Постапката и процедурите се соодветно испланирани, согласно бројот и потребите на пациентите и населението кое директно или индиректно ги користат именуваните медицински препрати, уреди и потрошни материјали“, соопштија од министерството.
Пред распишувањето на тендерите биле консултирани граѓанските здруженија, а бил вклучена и Националната комисија за дијабетес.
Од Здравство се пофалија дека првпат по шест години ќе се воведат нови инсулини и ампуларна терапија. Истовремено, уверуваат дека во сите инсулински аптеки ќе има доволно инсулин се до потпишувањето на договорите со веледрогериите што ќе победат на тендерите.