УЈП ќе ги гледа само приходите, цел ќе бидат граѓаните што од дома работат за странство

Facebook
Twitter
Email
Print

Управата за јавни приходи тврди дека е подготвена за реформата во делот на утврдувањето и плаќањето на персоналниот данок на доход, со која ќе се овозможи автоматизирање на размената на податоци помеѓу даночната администрација и банките за УЈП да може да ја издава годишната даночна пријава, што ќе стартува од 2019 година.

 

„Измените на регулативата треба да ја прецизираат рамката за електронската размена, која треба истовремено да осигури и безбедност и заштита на податоците на граѓаните, за што УЈП веќе една година се координира со сите релевантни страни – Министерство за финансии, Народна банка, Здружението на банки и Дирекција за заштита на лични податоци. Целата реформа се одвива во рамки на ИПА-проектот за поедноставување на процедурите за известување и плаќање на персонален данок на доход за даночни обврзници – физички лица“, објаснуваат од даночната управа.

 

Затоа што основна надлежност на УЈП е наплата на даночни приходи, а данокот се плаќа на приход, даночниците велат оти шпекулации се тврдењата за некакви увиди во трошења на граѓаните и во нивните платежни картички и дека тоа не е предмет на интерес на УЈП. Основна цел е сите приливи од странски фирми на име на граѓани што работат за странски компании, автоматски да стигнуваат во графата на УЈП за оданочување.

 

„Граѓаните што досега ги пријавувале во целост приходите во УЈП од земјата и странство и кои уредно и навреме го плаќале данок, немаат причина да стравуваат. Напротив, со воспоставување на автоматизираната размена на податоци и подобрување на ефикасноста на УЈП, граѓаните ќе добијат подобри услуги и поедноставни постапки за пријавување и плаќање на данок преку системот е-персонален данок. Имајќи предвид дека граѓаните досега ги доставуваа податоците за своите приходи во хартија со прилог докази кога поднесуваа годишна даночна пријава, а реално од 2019 година нема да доставуваат ништо до УЈП, односно Управата за јавни приходи ќе им ја издава пополнета пријавата со податоци за сите нивни приходи од земјата и странство, невозможно е оваа постапка да се изведе со размена на податоци со банките согласно постојната регулатива, односно преку писмени преписки со банките, што во пракса би значело 100.000 дописи за 100.000 трансакции секој месец помеѓу различни банки и УЈП, што е нееконмична и бирократска постапка“, тврди Управата за јавни приходи.

 

Од УЈП додаваат дека и досега досега за нив податоците на обврзниците во банките не биле тајна, односно дека можеле да дојдат до сите приливи во банкарските сметки со поднесување на писмено барање.

 

„Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не и се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава“, стои во соопштението.

 

Додаваат дека податоците кои ќе ги добива УЈП ќе бидат „енкриптирани“ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи