Со Указ на претседателот Ѓорѓе Иванов генерал мајор Васко Ѓурчиновски денеска е назначен за нов началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Неговото назначување беше соопштено на централната прослава на 18 Август – Денот на АРМ, на која учествуваат државниот и армискиот врв, претставници на дипломатскиот кор.
Ѓурчиновски доаѓа на местото на генерал-потполковник Методија Величковски, кому му истекува тригодишниот мандат. Новиот началник на Генералштабот на АРМ досега ја извршуваше функцијата постојан воен претставник на АРМ во седиштето на НАТО во Брисел.
Ѓурчиновски посочи дека му претстои макотрпна и посветена работа согласно стандардите на НАТО.
„Основни принципи со кои ќе се раководам во носењето одлуки се стручноста, компетентноста и резултатите во работата. Нашите државни стратешки цели се јано детерминирани Република Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ. Ние припадниците на Армијата сме горди поради фактот дека сме двигател на интегративните процеси во НАТО во нашето општество повеќе од 20 години затоа оттука сакам да истакнам дека стандардите кои се јасно дефинирани во НАТО мора да се спроведуваат и во нашата Армија во што ќе бидат бескомпромисно истраен“, порача тој.
Генералот Ѓурчиновски беше командант на Здружената оперативна команда, највисокото тело во АРМ, а претходно беше и командант на армиските специјалци и аѓутант на претседателот Иванов. По воена обука е специјалец.