Имуни ли се македонските пратеници на притисокот што до нив секојдневно доаѓа од различни страни, почнувајќи од нивните сопствени партии, па до различните интересни групи во општеството? Пратениците велат дека лобирања во Собранието има и оти тоа тие го доживуваат како нормално, но, исто така, некои од нив потенцираат дека народните избраници немаат финансиски интерес од лобирањата. Одредени закони за кои се смета дека се цел на одредени интересни бизнис или други групи, велат пратениците, најчесто во Собранието биле или се предлог на владите.
Во Македонија свеста за лобирањето е на ниско ниво, велат експертите и затоа правилната примена на лобирачките вештини е потребна, дотолку повеќе што лобирањето најчесто се поврзува во бизнис или политички контекст. Сепак, посочуваат тие, феноменот лобирање има две страни. Па така, кога се лобира не значи дека се врши притисок или некакво влијание, туку му се овозможува некому, најчесто на оние кои донесуваат одлуки, да разберат што е темата или проблемот за кој се лобира.
Во последниот Извештај на ГРЕКО, објавен деновиве, кој се однесува на евалуацијата за Превенција на корупцијата во однос на пратениците, судиите и обвинителите, се посочува дека не е иплементирана неговата препорака за воведување правила за односите на пратениците со лобистите и трети лица кои настојуваат да влијаат врз законодавниот процес.
ГРЕКО забележува отсуство на нов развој, како и на конкретни предлози за спроведување на оваа препорака која ја следи специфичната цел – да се обезбеди сет на правила за однесување на пратениците кога тие имаат контакти со лобисти и други трети лица. ГРЕКО нагласува дека оваа препорака, исто така, се однесува на односите со трети страни кои можеби не се професионални лобисти како телата за застапување, странски власти, клубовите кои ги претставуваат националните или деловни интереси, стои, меѓу другото, во извештајот во кој се повикуваат властите да вложат напори целосно да ја земат превид специфичната содржина на оваа препорака и да ја спроведат.
Неколкумина пратеници со кои разговаравме за лобирањето во македонското Собрание пред објавувањето на Извештајот на ГРЕКО и пред одморите ги објаснуваат начините како се лобира во Собранието, и од друга страна како функционираат групите за поддршка кои се регулирани со Законот за Собрание.
Лобирања меѓу пратениците има, но законите најчесто доаѓаат од Владата
Лобирања во Собранието постојат и тоа, според пратеникот од ЛДП Горан Милевски, е нормално. Милевски вели дека преку измените на законите пратениците настојуваат да го подобрат животот на граѓаните, но оти понекогаш задираат во интересот на различни групации кои кога ќе се најдат засегнати не бираат средства да ги одбранат своите стекнати позиции од кои остваруваат големи финансиски добивки на сметка на граѓаните.
„Од моето искуство можам да кажам дека пратениците немаат финансиски интерес од лобирањата. Ние како поединци не сме моќни да предложиме некои измени кои можат да ја зголемат моќта на некои интересни заедници“, вели Милевски, посочувајќи дека во најголем број случаи пратениците се обидуваат да ја намалат таа моќ или да нарушат нечиј финансиски интерес.
Пратеникот смета дека обично големите играчи за остварување на своите бизнис интереси се обраќаат до некое министерство кое е предлагач на некој закон.
„Ако има каков било интерес пратениците не се замешани во тоа. Ако имаме индиции дека такво нешто се прави можеме да се обидеме да го спречиме, а не да го стимулираме бидејќи на крајот на мандатот ние се појавуваме пред нашиот електорат“, истакна Милевски од ЛДП, кој смета дека на парламентарните избори треба да има отворени листи, бидејќи тогаш одговорноста ќе биде поголема и насочена кон нив, а не кон партијата.
Преку повеќе примери пратеникот, кој е и претседател на собраниската Комисија за економски прашања, објаснува како се одвива процес на лобирање во Парламентот, според неговото искуство.
„Во минатиот мандат со Законот за нотаријат се настојуваше дел од профитот на нотарите да се префрли и кај адвокатите, да се зголемат трошоците на граѓаните за нотарски услуги и да се усложни и искомплицира целата постапка, а се на штета на граѓаните, иако се тврдеше дека корист од тоа ќе имаат само граѓаните. Нотарите во државата се стотина луѓе, а адвокати се 4000-5000 илјади. И тука настана проблемот. Моќното адвокатско лоби, бидејќи имаше интерес започна негативна кампања против мене, преку нивните адвокатски здруженија, со напади, навреди, дискредитирање, се со цел да си ја остварат својата цел односно да дојдат до поголем профит. На крајот се дојде до некое минимално компромисно решение“, раскажува пратеникот од ЛДП.
Времето, вели тој, покажа дека бил во право што се обидел да го блокира законот со илјада амандмани, бидејќи Владата сега најавува негови измени поради бројните проблеми во неговата примена. Неговата намера била да се намалат трошоците кои граѓаните ги плаќаат кај нотарите и да се поедностави и забрза целата нотарска постапка.
Според пратеникот, ист е случајот и со извршителите кои остваруваат милионски добивки, осиромашувајќи ги граѓаните секоја година.
„На овие моќни групи кои си направиле закони, бидејќи се правници, онака како што им одговараат мора да им се застане на патот.“
Како последен пример Милевски го посочува Законот за минерални суровини, за којшто иако се организираа и јавни дебати и поминаа собраниските процедури се уште не е донесен.
„Овде лобирањето оди преку притисоци. Од една страна се граѓанските здруженија кои сакаат почист воздух и здрава животна средина. Нивниот притисок е преку гласот кој го даваат на секои избори коj оди за политичари кои се спремни да ги остварат нивните барања. Од друга страна е моќната рударска индустрија која има обрт од милиони евра и вработува неколку илјади граѓани. Нивниот притисок е насочен кон владата како претставник на државата. Се закануваат со тужби пред меѓународните судови за наплата на претрпена штета, затворање на капацитетите и отпуштање на наши сограѓани од работа, намалување на стопанската активност, а со тоа и намалување на БДП и извозот и овој притисок е од економска природа“, посочува Милевски.
Што и да одлучите, вели пратеникот, ќе има незадоволни бидејќи граѓаните вадат леб од тие рудници, но и сакаат здрав живот.
Покрај ваквиот тип лобирања, продолжува Милевски, во Собранието има секојдневни активности помеѓу пратениците во насока на донесување или измена на некој закон од областа на работа или местото на живеење на пратеникот. Посочува на измена на законот со кој се продолжи важноста на лиценците на директорите во основните и средните училишта, како и тоа дека во Собранието во тек е лобирање од страна на пратеници на ДУИ за измена на Законот за игри на среќа со кој се бара наместо досегашните 300 метри оддалеченост на казината од образовните институции таа одалеченост да се помести на 500 метри.
Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ потенцира дека се прави разлика во употребата на зборот „лобирање“ пред носењето на Законот за лобирање и по него, зашто претходно, овој збор се употребувал исклучиво со позитивна конотација, за волонтерска заложба и борба за некоја кауза.
„Така, во 2000 беше формирано Македонското женско лоби за борба за повеќе жени во политиката и нивните права, а во самото Собрание во 2003 се формираше Интерпартиска интерпарламентарна лоби група за правата на лицата со посебни потреби. Денеска повеќе се употребува терминот „група за поддршка“ на некоја ранлива група (ЛГБТ, носители на ХИВ, Роми), или за некоја легитимна и општествено полезна цел (заштита на животната средина или на Охридското Езеро). Суштината на овие групи и порано и сега е обединување на пратеници од различно потекло и идеологија околу некоја благородна цел и мисија, која е подзаборавена од „големите“ политики, а која е важна за животот на граѓаните“, појаснува Поповска.
„Овие групи се поврзани со автентични претставници од граѓанскиот сектор и сите работат исклучиво со добра волја и ентизијазам“, вели пратеничката од ДОМ која посочува дека од ваквото лобирање има извонредни резултати.
Според Поповска за поинакво лобирање, во интерес на центри на моќ, може само да се претпоставува.
„Веројатно центрите на моќ ги завршуваат таквите „договори“ во други институции со извршна моќ, па пред пратениците доаѓаат спакувани и „маскирани“ во стручна опаковка, со навидум логични образложенија“, смета пратеничката.
Еден очигледен пример, како што вели Поповска, за „бескрупулозно лобирање од страна на рударскиот сектор, се силните опструкции за носење на Законот за минерални суровини, што беше поднесен од 11 пратеници од различна провиниенција“. Со него се забранува употреба на цијаниди и сулфурна киселина при лужење или флотација на металични минерални суровини во рудници со површински коп.
„Веќе осум месеци законот е заглавен во Собранието, поради јавните и скриените притисоци врз членови на Собранието и Владата. Нашата група од 11 предлагачи остана имуна на нив и не прифати повлекување на законот, но се согласивме на јавна расправа во Собранието, каде пред целата јавност ги вкрстивме ставовите заедно со екологистите од цела држава“, вели Поповска.
Додаде дека го прифатиле и предлогот на Комисијата за економија за допрецизирање на текстот на законот, за да биде појасно дека не ги засега постојните рудници, туку ќе важи за новите концесии.
„Рударскиот сектор, кој тврдеше дека ги штити постојните рудници, продолжи со барања за стопирање на законот, покажувајќи ја вистинската причина, дека поединци се борат за идни инвестиции и заработки од валканите и опасни технологии, а на сметка на здравјето и животот на сите нас. Законот е спремен за конечно донесување на пленарна седница и не ми е јасно зошто не се стави во изминатите денови, а добив на увид најново писмено барање од рударската асоцијација до Владата за негово стопирање“, потенцира Поповска.
Собраниски групи за поддршка
Во македонското Собрание функционираат повеќе групи за поддршка како Клубот на пратенички, Интерпарламентарната група за поддршка на лица со хендикеп, групите за поддршка на Охрид, на Ромите, ЛГБТ заедницата, Клубот за младински прашања и политики и други, чии членови – пратеници се обидуваат со „позитивно“ лобирање во редовите на своите, но и во другите пратенички групи да им помогнат на овие граѓани.
Клубот за младински прашања и политики е меѓу последните формирани групи за поддршка во Собранието на Република Македонија, а ја предводи пратеничката од СДСМ Ивана Туфекчиќ.
„Клубот е формиран по примерот на Клубот на жени кој што има најдолга историја во Собрание и е формиран согласно Законот за Собрание во којшто има еден член дека пратениците може да се групираат во клубови и групи. Во таа група членуваат пратениците од сите политички партии. Ставивме во правилникот до 35 години, или доколку нема ставивме доколку има пратеници кои се заинтересирани за младинските политики“, вели пратеничката.
Целта е пратениците да се обединат околу особено важното прашање за младинските политики, а еден од приоритетите е изготвување закон за млади.
„Формиравме работна група составена од пратеници од сите политички партии, младинските организации, политичките подмладоци на најголемите политички партии и Агенцијата за млади и спорт и Владата. Ги има сите чинители и законодавците и оние кои треба да го имплементираат законот и оние кои се најзасегнати“, вели таа.
Направени се и се прават консултации низ Македонија со младите, како што потенцира Туфекчиќ, за да се добијат информации кои ќе помогнат како треба да се организира младинското организирање на локално и на национално ниво.
Туфекчиќ исто така потврдува дека има лобирање меѓу пратениците.
„Апсолутно има широк дијапазон и процес на лобирање во смисла невладини организации кои имаат сериозни истражувања да се користи нивната експертиза, се повеќе стигнуваат иницијативи на законски решенија кои таргетираат дискриминација, говор на омраза, образование, поделени се по таргети“, вели пратеничката.
За тоа дали има лобирања од бизнис групации или други интересни групи, вели дека кај неа нема такво нешто бидејќи веројатно таа самата, како што вели, става одредени граници, сепак, нагласува дека има лобирање од цивилното општество што е сосема нормално и легитимно.
„Знам што ќе се каже, дека на пример Законот за пушење е лобиран од страна на угостителите коишто апсолутно се засегната страна во конкретниот закон, но имате и друга страна која е засегната тоа се пушачите. Таму не се промени ништо драматично“, смета пратеничката Туфекчиќ.
Двете страни на феноменот на лобирање
Лобирањето во Република Македонија е лeгална и легитимна активност, регулирана со Закон, донесен точно пред една деценија.
Вонредниот професор Марјан Танушевски, кој е првиот доктор на науки чија специјалност е лобирање, вели дека феноменот лобирање има две страни.
„Од денешен аспект, законската регулатива успеа да ја мотивира академската заедница, да го стави феноменот лобирање во научна рамка, да се изучува како наставен предмет и/или модул во различен формат на повеќе високообразовни институции во државата. Но, за жал законот не успеа да ја регулира дејноста лобирање и професијата лобист и тоа е проблем“, вели Танушевски.
Во таква ситуација, додава тој, лесно се регистрираат нетранспарентни лобирања во и надвор од државата, злоупотреби на феноменот лобирање иницирани од позиција на политичка или институционална моќ, најчесто под превезот на извесни пријателства, врски, позиции и друг нетранспарентен формат кој негативно влијае врз процесот на лобирање.
„Во таа смисла не е грешка ако се каже дека со лобирање може да се добие нефер-предност на оние кои што тоа на нетранспарентен начин може да си го дозволат и тоа е спротивно на демократските процеси“, појаснува Танушевски.
Терминот лобирање, додава тој, често е составен дел на вокабуларот на јавни личности, без притоа да знаат што значи или што прават кога лобираат, звучи мотивирачки, а често и несоодветно се употребува.
„Кога се лобира не значи дека се врши притисок или некакво влијание, туку му се овозможува некому (најчесто на оние кои донесуваат одлуки), да разберат што е темата или проблемот за кој се лобира. Во Македонија свеста за лобирањето е на ниско ниво, и затоа правилната примена на лобирачките вештини е неопходно потребна, дотолку повеќе што лобирањето најчесто се поврзува во бизнис или политички контекст“, потенцира Танушевски.
Во Македонија се лобира, за тоа секој знае, но, во мултикултурна Европа степенот на успешност се мери со законита и транспарентна примена на методите, техниките и стратегиите за лобирање.
Гоце Пачемски, професионалец за односи со јавност, изнесувајќи го својот личен став, смета дека во нашата земја постои негативна перцепција и разбирање во јавноста за лобирањето, како легитимна и легална дејност, дефинирана и уредена со Законот за лобирање донесен во 2008-ма година. Тоа, според него, е главната причина зошто во Македонија во практика не „заживеа“ лобирањето, онака како што е дефинирана во нашиот Закон и во рамките на ЕУ.
За да се поправи ова, тој вели дека е неопходна широка и сеопфатна јавна дебата и конкретни активности на надлежните институции, вклучувајќи и измени на постојниот Закон.
„Она што во нашата земја се практикува, а кое во јавноста понекогаш и неоправдано се поведува под поимот „класично лобирање“, се комуникациските активности кои спаѓаат во доменот на односите со јавност, а имаат за цел создавање меѓусебна доверба и разбирање помеѓу граѓаните, организациите и бизнис секторот со институциите од чии одлуки зависи квалитетот на живот, на успехот на бизнисот и на просперитетот на целата земја“, вели Пачемски.
Ваквите комуникациски активности кои спаѓаат во доменот на односите со јавноста, додава тој, се нарекуваат и „Јавни работи” (Public Affairs) од причина што тие, за разлика од класичното лобирање дефинирано со закон, се остваруваат со алатки како на пример организација на јавни дебати, прес-конференции, отворени писма и други форми на комуникација која во суштина води сметка и го штити и јавниот интерес. Кај нас постои традиција и практика на ваков вид комуникација.
„Најголемиот број јавни и државни институции, на централно и локално ниво, почнувајќи од собраниските комисии и тела, преку министерствата и државните агенции, па се до општините, покажуваат интерес и се вклучуваат во комуникацијата со организациите од граѓанскиот и бизнис секторот со цел да ги слушнат и нивните аргументи при подготовка на регулативата и донесувањето одлуки кои имаат влијание на заедницата или целокупното општество“, појаснува Пачемски.
Притоа тој напоменува дека вистинските професионалци за Односи со јавност, во целокупното свое работење, вклучувајќи го и сегментот на „Јавни работи“, целосно ги почитуваат професионалните и етичките стандарди.
Извор: МИА