Реформите во судството, спроведувањето на обврските од Договорт со Грција, поголема отчетност и соодветен надзор над разузнавачките и безбедносните служби. Ова се дел од насоките кои НАТО алијансата ги испрати до македонската Влада, а треба да се исполнат за 18 месеци, односно до крајот на април 2020 година.
Продолжување на владеењето на правото и реформите во судството, вклучувајќи го зајакнувањето на независноста на судството и преземање активни чекори за зајакнување на одговорноста за корупција и организиран криминал, вклучително и на високо ниво.
Да се зголемуваат напорите за изградба на функционално мултиетничко општество засновано на целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор.
Целосно спроведување на сите пропишани внатрешни процедури во однос на договорот за решавање на прашањето за името, што е услов за успешно завршување на процесот на пристапување.
Да се обезбеди поголема отчетност и соодветен надзор над разузнавачките и безбедносните служби. Имплементацијата на препораките од меѓународните партнери и законите донесени од декември 2017 година во оваа област.
Во документот испратен од Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, меѓу политичките услови што Македонија треба да ги усвои, се нагласени бројни услови од областа на одбраната и армијата.
Да се осигура дека нема уставни или законски ограничувања кои би можеле да ги попречат колективните одбранбени операции, да се проверат внатрешните процедури за испраќање на вооружени сили во странство.
Да се осигура дека сите стратешки насоки за развој, трансформација и функционирање на националниот систем на одбрана и способностите се во согласност со идното членство во НАТО.
Да се започне со спроведување на плановите за реструктуирање и модернизација на вооружените сили со цел постигнување на планираните воени капацитети и развивање на поспособни, расположливи и одржливи сили способни да придонесат на мисиите на Алијансата.
Одржување на нивото на расходи за одбраната што е доволно за поддршка за преструктуирање и модернизација на вооружените сили, што ќе овозможи ефективен придонес кон Алијансата, итн.
Разговорите меѓу Македонија и НАТО се очекува да започнат следниот месец, додека како што е наведено во документот, врз основа на досегашното искуство, може да траат до април 2020 година, кога се очекува финализација преку ратификација од страна на земјите членки и официјално Скопје.