Повеќе од 1 деценија во текот на летото немаат вода, за да ги одржуваат основните хигиенски потреби користат вода од бунари, која бактериолошки не е исправна, а поради оваа состојба често пати дечињата добиваат и кожни заболувања. Вода за пиење полнат од соседните села Ерековци или Подмол. Вака како пред 100 години живеат жителите на прилепско село Канатларци кое има над 2.000 жители. Азем Текешаноски вели дека најмногу се плаши за своите деца.
„Ја гледате оваа вода што ја употребуваме тука, дали таа е за децата. Оваа вода ја лееме од бунарите од полето“, кажа Азем Текешаноски, жител на село Канатларци.
Иако имаат направено купатила, велат дека ретко ги употребуваат. Секоја куќа има во дворовите пластични канистри кои се полнат со техничка вода. Перат на раце или пак со постојано надополнување со вода на машините за перење.
„Еве како што гледате машината за перење не е прииклучена на вода, директно ставаме во неа вода за да пери“, истакна Икмет Текешаноска, жител на село Канатларци.
Се жалат дека иако со години барале решение за проблемот никој не сакал да им излези во пресрет.
„Се молиме, одиме во Општина Прилеп во Водовод Прилеп и ни велат дека само ќе биде. Ќе ни носеле вода од соседно Ерековци, од Подмол, нов бунар ќе ви ископаме и така само не лажат со години“, кажа Хајдар Рамушоски, жител на село Канатларци.
Велат дека срамота било да живеат во вакви услови во 21 век. Најголем дел од селото вода има само по неколку часови во текот на ноќта.
„Вода преку денот нема ниту машина да пуштиме, ниту да се испереме, ниту да се измиеме од овој пусти тутун. Вода пак за пиење лееме до Ерековци со платични туби, одиме со кола“, рече Петре Трајкоски, жител на село Канатларци.
Од ЈКП „Водовод и Канализација“ Прилеп истакнаа дека се запознати со овој децениски проблем е дека планирале да го решат до идната пролет со копање на нов бунар за селото.