Гасоводот на Водно сепак ќе се гради, но со стесната и скратена траса

Facebook
Twitter
Email
Print

Владата делумно попушти под притисокот на јавноста, но сепак не отстапува од изградбата на магистралната гасоводна цевка Скопје – Тетово – Гостивар преку планината Водно. Донесена е одлука за измена на проектната документација, односно трасата по која ќе минува гасоводот ќе се стесни за 15 метри од првично планираното, а ќе се скрати за 4 километри.

 

„Опфатот на интервенции врз дрвната маса се намалува од 3.000 кубни метри на 1.400 кубни метри. Со предлогот исто така трасата се намалува од 25 на 10 метри ширина и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса и богат растителен свет. Со ова жртвуваме 0,07 отсто од шумата на Водно…“, рече Горан Сугаревски, министер за транспорт.

 

Инвеститорот на проектот, Македонски енергетски ресурси одвоиле пари со кои ќе се финансира пошумување на трасата.

 

„МЕР има платено кон Град Скопје околу 42,9 милиони денари за рекултивација и пошумување на Водно“, рече Бајрам Реџепи, Македонски енергетски ресурси.

 

Од МЕР велат дека не постоела можност трасата да се смени и да се постави преку Скопска Црна Гора. Тврдат дека промената освен пролонгирањето за пет години на гасификацијата и дополнителните 20 милиони евра, не е изводлива и поради вкрстувањето на гасоводот со главниот извор со вода од каде се снабдува Скопје, а тоа е Рашче.

 

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов тврди дека ги послушале граѓаните и дека направиле се за да ја сменат трасата за изградба која беше утврдена во 2015 година, а доби дозвола за градба во 2016, за време на владата на ВМРО ДПМНЕ.

 

Екодруштвата и граѓанските иницијативи бараат целосна промена на трасата на гасоводот – тој воопшто да не поминува низ Водно, заради неговото значење за Скопје.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи