Сашо Тасевски ќе биде назначен за нов директор на Бирото за јавна безбедност и тој ќе биде официјален предлог на Владата на Република Македонија. Тасевски e магистер по безбедност и докторанд на Факултетот за безбедност. Во МВР работи од 2001 година.
Во својата досегашна кариера работел како обезбедување кај поранешниот претседател Бранко Црвенковски, како и кај техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски. На почетокот на кариерата Сашо Тасевски бил припадник на единицата за специјални задачи „Тигар“. Новиот директор на Бирото за јавна безбедност ѝ стана познат на македонската јавност за време на ланските насилства во Собранието кога ги заштитуваше пратениците. Тасевски досега ја извршуваше функцијата началник на Шестата управа при Министерството за внатрешни работи.
Неговиот претходник Лазо Велковски беше разрешен минатата недела, по предлог на министерот Оливер Спасовски, а до именувањето на Тасевски, со функцијата раководеше заменикот Бесир Деари.
Бирото за јавна безбедност е орган во состав на Министерството за внатрешни работи, кој ги врши полициските работи во Министерството и чија организација и надлежност е уредена со Законот за полиција. Со работата на Бирото раководи директор кој на предлог на министерот го именува и го разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години.