Лозарите од Тиквешко кои синоќа се собраа за да разговараат околу ниските цени кои винарите ги нудат за грозјето, одлучија да протестираат против игнорантскиот однос на винарските визби.
Претседателот на Здружението “Напредни лозари”, Трајче Кулев утринава на прес-конференција соопшти дека се бара масовна поддршка од производителите на грозје и доколку ја добијат, ќе се организираат протестите.
„Со последниот состанок во министерството не постигнавме напредок. Цените останаа исти, 13 со 11 денари за килограм грозје, и ние лозарите сме во загуба. Ги повикувам лозарите да дојдат и да дадат поддршка, за да постигнеме реална цена. Протетстот е планиран да се одржи по магистралите и регионалните патишта, мораме нешто да постигнеме. Знаеме колку не чинеше производството на грозјето, и многу сум револтиран. Од ветувањата не остана ништо, освен само надеж. Лозарите мора да сфатат дека работиме за без пари, кога еден аргат доаѓа на работа за 1.200 денари, што останало за грозјето, 11 или 13 денари не се исплати. Навистина е срамно, ветуваа многу, а на крајот не излезе ништо“, изјави Кулев.
Тој нагласи и дека останати се и проблемите со визбите кои грозјето го отупиле за многу ефтини цени.
„Останаа проблемите со визби кои го откупија грозјето за без пари, како Повардарие, срамно е и ве молам веќе еднаш да се направи нешто во интерес за лозарството. Винариите се договориле цените да останат исти и да нема зголемување. Тие знаат колку треба за да се произведе еден килограм грозје, по реална цена. Бев смирен, но еве до каде не доведе смиреноста. Додека ние лозарите не се обединиме, додека не излеземе на протест и го искажеме незадоволството, додека кажуваме од дома и пишуваме на Фејсбук, нема подобрување“, порача Кулев.
Кулев ги повикал лозарите да се обединат и со потпис да дадат поддршка за организирање на протестите, како израз на незадоволство од откупните цени за годинешниов род. Затоа што, како што нагласи, ако грозјето се плати поскапо, ќе живне и градот.
Претседателот на Здружението на лозари рече дека ќе си поднесе оставка, доколку не добие масовна поддршка од лозарите за протестите кои се планираат.