САД се партнер на Македонија веќе 25 години и сакаме да ја видиме Македонија како членка на НАТО и ЕУ. Сметаме дека Договорот од Преспа, иако тежок, е еден фер компромис, кој го отвора патот за вашата иднина. Ова денеска во Прилеп го истакна амбасадор на САД, во Македонија Џес Бејли, на средбата со градоначалникот на Општина Прилеп. Амбасадорот Бејли истакна дека пред посетата на Општината имал средба со група на млади луѓе со кои што разговарале за претстојниот референдум, договорот од Преспа и ЕУ и НАТО интеграцијата на земјава.
„Имав одлична посета тука денес, започнав со посета на малиот бизнис Стара фурна, што претпоставувам е историски бизнис во Прилеп, кој повторно започнал со одличен претпремнички дух и е одлично да се види како работат во нивниот бизнис, ден и ноќ, секој ден растејќи со повеќе вработени, гледајќи во иднината во овој историски град. Потоа зборував со група на млади луѓе, земајќи го во обзир историскиот момент во кој Македонија се наоѓа, дискусијата главно се одвиваше околу престојниот референдум, договорот од Преспа, НАТО, ЕУ и интеграцијата. Мојата порака до нив беше дека САД се партнер на Македонија веќе 25 години и секако сакаме да ја видиме Македонија во ЕУ и НАТО и мислиме дека договорот од Преспа, иако тежок, сепак е фер компромис, кој што го отвора патот до таа иднина. Мојата порака до овие млади луѓе беше дека ова е нивни момент, да излезат, да ја зграпчат оваа можност и да си ја одредат нивната иднина. Повторно, вежно е да се излези и да се гласа. Важно е да се каже својот став, тоа е дел од демократскиот процес, тоа е тоа што значи да се биде модерна демократска држава и се надевам дека сите луѓе ќе излезат и ќе го дадат својот глас во овој критично важен момент“, рече Џес Бејли, амбасадор на САД во Македонија.
Според Бејли ова било тешка одлука, затоа што се правело тежок компромис, но смета дека луѓето ќе ја разбеле нејзината големина затоа што со неа се зачувувал македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Бејли нагласи дека најважно од се, било граѓаните да излезат на референдумот и да го искажат сопственото мислење, без разлика какво и да било е истото.
„Но сепак важно е да се разбере договорот да се излезе на референдум и да се даде својот став. Ние како САД сакаме да ја видиме Македонија како 30. членка на НАТО, како Северна Македонија, што ќе донесе сигурност и стабилност, ќе им помогне на вашите соседи да бидат посветени сојузници на вашата независност и сувереност и ќе ги отвори вратите кон поголеми и похрабри бизнис инвестиции во вашата земја и ќе придонесе за посветла иднина. Но повторно, не е наша одлука, таа е на граѓаните на Прилеп, граѓаните на Македонија. Ќе ја продолжам мојата посета тука со состаноци со поголеми бизниси, меѓу кои некои се и американски. Гледаме дека ова е доста важен град во Македонија, кој има многу потенцијал. Слушнавме за инфраструктурните проекти кои ќе помогнат да се изгради тој потенцијал и и целиме кон понатамошна поддршка што ќе помогне во развојот на двете земји. Повторно, клучниот елемент е да се излезе, да се учествува на референдумот и да се даде својот став, каков и да е тој“, додаде Бејли.
Повик да се гласа ЗА на референдумот упати градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.
„Имавме заеднички констатации дека ова што се случува во државата и ова што го имаме пред нас, треба да се направи вистински и правилен исчекор во овој момент, затоа што тоа е единствената добра опција за нашата држава и нашиот град, за нашите граѓани. Одговорноста е кај нас, ние треба да донесеме одлука во овој момент, да излеземе за да ја направиме иднината за нас, за нашите деца и за идните генерации. Нема да дозволиме тоа случајно да остане само на хартија, без наше присуство за да направиме амбиент, да излеземе сите на овој референдум на 30 септември, да гласаме за, затоа што тоа е иднината за сите нас. Нема да дозволиме младата генерација да се иселува надвор од нашите граници, Европа и запад да ги донесеме тука во нашата држава, да направиме услови, затоа што тоа е единствениот начин за развој на нашата држава и развој на општеството воопшто. Јас се надевам и убеден сум дека најголем број од граѓаните ќе излезат на 30 септември, ќе гласаат за иднината на европска Македонија“, рече Јованоски.