Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дава паушали претставки околу реализацијата на капиталните инвестиции во Општина Прилеп затоа што не се завршени комплетните извршувања на буџетот на Општина Прилеп, истакна претседателот на Советот на Општина Прилеп, Миле Талевски, по завршувањето на 18-тата седница.
„Тие се паушални претставки кои беа доставени од страна на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на тоа дека не се завршени комплетните извршувања на буџетот на Општина Прилеп. Тој процент е паушален и не е точен. Очекуваме процентот на извршување на капитални инвестиции до крајот на годината, заклучно последниот квартал да биде една сериозна бројка, бидејќи знаете во каква состојба го дочекавме буџетот на локалната самоуправа“, рече Талевски, без да прецизира колкави ќе бидат во проценти капиталните инвестиции.
Талевски изјави дела денеска Советот на Општина Прилеп донел одлука за извршување на буџетот на Општина Прилеп за минатиот квартал и одлука за определување, односно давање согласност за банкарска гаранција за аплицирање на јавен оглас за изградба и стопанисување на нова градинка во подрачјето на Општина Прилеп.
„Знаете дека на подрачјето на Општина Прилеп имаме голем проблем со згрижувањето на децата, имаме една сериозна бројка која чека на згрижување и затоа ние како одговорна локална самоуправа ги преземаме сите активности кои што се во правец да се отворат нови градинки. Очекуваме дека оваа постапка ќе заврши за краток временски период и ќе се отвори новата градинка во комплексот на Тутунски комбинат Прилеп“, рече Талевски.
Денеска Советот ги разгледувал и кварталните финансиски извештаи на јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање и за Домот за стари лица.
„Можам да кажам дека трендот кој што беше воспоставен со другите јавни комунални претпријатие со позитивни финансиски извештаи, тоа продолжи и со овие две локални институции, кои покажуваат позитивен финансиски извештај во однос на претходниот квартал. Беа разгледувани и барања кои до нас како Совет на Општина Прилеп беа доставени од страна на граѓаните, за реализација на бесправно изградените објекти. Знаете дека ние се трудиме максимално да бидеме ажурни во излегување во пресрет на овие граѓани за што побрзо да ги легализираат своите објекти. Се донесе одлука, односно извештајот за невремето што го зафати подрачјето на Општина Прилеп 09.07.2018 година. До Комисијата за елементарни непогоди беа доставени 105 барања, им се излезе во пресрет на голем број на тие барања, 99%, и тој извештај ќе биде доставен до Владата на РМ, за што побрзо да им се изврши обезштетување на овие граѓани. Го очекуваме извештајот кој што беше за последното невреме, се со една цел заедно да направиме една збирна целина на двата извештаи, со цел она ветување кое го дадовме пред граѓаните дека ние како локална самоуправа ќе излеземе со одредени средства со кои ќе им излеземе во пресрет на граѓани на кои им настрадаа нивните земјоделски култури“, додаде Талевски.