ВИДЕО – Шекеринска : Граѓаните ќе спијат поспокојно, затоа што ќе знаат дека Македонија е членка на НАТО

Нашата обврска е да го реализираме тоа што секоја генерација граѓани и политичари го повторувала 27 години, дека не сакаме Македонија да биде изолирана, туку сакаме да биде интегрирана. Речиси 30 години зборуваме дека Македонија сакаме да ја видиме како членка на ЕУ и НАТО. Ова денеска во Прилеп го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, при посетата на Општина Прилеп.

 

 

„ Нашите граѓани знаат како изгледаше Бугарија пред 20 години, а како изгледа сега. Нашите повозрасни граѓани знаат како изгледаше Грција пред 40 години, а како изгледа сега. Нашите граѓани знаат дека кога младите ни заминуваат, малку заминуваат во други места. Сите заминуваат во земји членки на НАТО и ЕУ. И затоа сум убедена дека истото мнозинство кое сите овие години работеше и бараше членство во ЕУ и НАТО, сега ќе реши Европа да ја донесе во Македонија, за младите да не ни бегаат во Европа. Македонија плати цена во 90-тите години на регионалната нестабилност и многуте војни. Регионот се уште има отворени прашања, нема да дозволиме Македонија да биде колатерална штета на тие прашања и тие дилеми. Наша е безбедноста да ја гарантираме, наши се предизвиците со кои треба да се соочиме и со членство во НАТО, кое што ќе се случи веднаш по реализација на нашите обврски, нашите граѓани ќе спијат поспокојно, затоа што ќе знаат дека Македонија е член на најмоќниот воено-политички сојуз. Ќе седи на иста маса и ќе има еднакво право на глас со најголемите, најмоќните, најбезбедните земји во светот. Тоа е придобивка и затоа ова е историска можност и историска одговоност на сите нас. Апелирам, без разлика на политички, етнички, религиски припадности да не дозволиме повторно да ни се измолкне од раце историската одговорност. 10 години изгубивме кога тоа ни се случи. Сега е шансата да ги корегираме и тие грешки. Дури и граѓаните кои се плашат, можеби без причина, да спијат мирно и да знаат дека иднината и нивна и на нивните деца е гарантирана“, истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

 

Шекеринска претходно ја посети касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и потенцираше дека таму се дискутирало за проблемите со кои се соочувала и се соочува нашата армија и за фактот дека членството во НАТО први позитивно ќе го почувствувале сите припадници на АРМ.

 

„Оваа година, поради покачувањето на буџетот од 15%, успеавме да решиме 2 многугодишни и долгорочни проблеми. За прв пат после повеќе години се зголеми платата на припадниците на АРМ за 10% и за прв пат пред 2 месеци започна исплатата на сите дежурства и дневниците поврзани со нив. Ова значи плус за стандардот на припадниците на АРМ, ова е плус за армијата, ова е плус за Република Македонија која многу ја цени својата армија и нејзините припадници. Членството во НАТО ќе значи подобра, помодерна, подобро платена армија. Затоа уверена сум дека и во Општина Прилеп, како и во другите општини, граѓаните на 30 септември ќе го направат изборот со кој ќе потврдиме дека Македонија ќе има НАТО и ЕУ перспектива. Зголемена безбедност, повисоки инвестиции, подобри плати и повеќе работни места“, додаде Шекеринска.

 

 

Министерката Шекеринска изјави дека членството во НАТО ќе донесело поголем број на инвестиции и европски пари во нашата земја.

 

„Општината Прилеп само во последниот период искористи околу 20 милиони евра европски пари за решавање на проблемот со пречистителна станица. 10 милиони евра европски пари се инвестирани во дата центарот, кој што е токму во Прилеп. 10 милиони евра се инвестираат во системот за заштита од поплави, поврзан со цела Пелагонија. Тоа се некаде вкупно 40 милиони евра европски пари, кои влегуваат во Прилеп и прилепско само за 3 проекти. Тоа на прв поглед е многу. Меѓутоа ако го споредите со 5 милијарди евра кои Словенија успеа да ги искористи во само првите неколку години на користење на европските кохезиони фондови, ова ни покажува кој е потенцијалот и шансата која Македонија ќе ја има и на 30 септември, кога ќе ја правиме одлуката дали сме или не за европска Македонија. Република Македонија од 93 година има јасна одлука, членство во НАТО и ЕУ“, рече Шекеринска.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи