Во очи на почетокот на новата учебна 2018/2019 година, градоначалникот Илија Јованоски одржал работна средба со директорите на основните и средните училишта, како и на основното музичко училиште.
Од Општина Прилеп соопштија дека на средбата се разговарало за последните припреми кои училиштата ги преземаат, со цел подготвени да ја дочекаат новата школска година, која почнува во понеделник, 3.септември.
„Општа е оцената дека училиштата се спремни за првиот школски час. Во поголем дел од нив, во текот на летото се вршеа реконструкции на училниците, тоалетите, покривите, се менуваше дограмата и се уредуваа училишните дворови, се’ со цел учениците и наставниците да имаат подобри услови за изведување на наставата. Во понеделник, на стартот од новата учебна година, градоначалникот Јованоски ќе присуствува на првиот училишен час во ООУ „Климент Охридски“ и во ООУ „Страшо Пинџур“ во село Мало Коњари“, истакнуваат од Општина Прилеп.
Вкупниот број на ученици кои во учебната 2018/2019 година ќе посетуваат настава во основните и средните училишта во Општина Прилеп, изнесува 5.510, од кои за прв пат во училишните клупи ќе седнат околу 715 првачиња.