Општина Прилеп издвои околу 3 милиони денари за реконструкција на тоалетите во основното училиште Гоце Делчев. Да напоменам дека после 40 години прв пат се прават реконструкции на тоалетите во ова училиште, што мислам дека ќе продолжи и понатаму и сите оние потребни реконструкции што треба да се прават овде во ова основно училиште, и средни се разбира, Општина Прилеп тоа ќе го прави во рамките на своите можности. Ова денеска го изјави градоначалниикот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, при посетата на ООУ „Гоце Делчев“ заедно со заменик министерот за образование Петар Атанасов.
„Оваа година Општина Прилеп издвои 20.6 милиони денари за училиштата во Прилеп, од кои 14.6 милиони денари за основните училишта и 6 милиони денари за средните училишта во општина Прилеп. Се ќе правиме во интерес на учениците, на наставничкиот кадар, за да се подобри образованието во нашиот град, во нашата држава и се она што ни престои со сите европски фондови што треба да ги користиме, да најдеме начин да направиме услови и амбиент за нашите ученици останат овде, во нашиот град, во нашата држава, да се едуцираат, да учат, да се образоваат, а не да одат во странство, или да одат што помалку, затоа што ние сме одговорни за тоа и тоа мора да го поправиме во иднина“, истакна Јованоски.
Јованоски додаде дека разговарале и со наставниците од ова училиште, од каде што добиле многу позитивни извештаи затоа што ова училиште минатата учебна година било второрангирано основно училиште во Република Македонија.
„Посебно ми е драго што добивме информации затоа што наставниците од ова училиште, со учениците учествуваат на три едукативни проекти оваа година, исто и меѓународно учество. Тоа ми е посебно драго, го поддржуваме секој нареден и добар проект и во иднина сигурен сум дека ќе продолжи со ова темпо“, додаде Јованоски.